Белгија ги укина речиси сите епидемиолошки мерки

Од:

Две години по прогласувањето вонредна состојба и влез во карантин, Белгија ги укинува речиси сите епидемиолошки мерки, вклучувајќи ги и обврските за носење маска и ковид пропусница, јавија тамошните медиуми.

Во Белгија од денеска престанува да важи обврската да се носи маска на јавни места, вклучително и во продавници и во училишта, со исклучок во здравствени установи и во јавен транспорт.

Белгиските власти нагласија дека маската, иако обврската за носење е укината, сепак, се препорачува за места каде не може да се држи безбедна дистанца.

Денеска престанува и употребата на ковид пропусници, како доказ за вакцинација, или негативен тест, што беа неопходни за влез во сите угостителски и спортски објекти, како и во институции од областа на културата.

Нема повеќе и ограничено време за работа на угостителските објекти. Повторно се дозволени максимални капацитети на театри, кина, концертни сали.

Белгија попушта и во рестрикциите за патувања, па од 11 март, во земјата ќе може да се влезе без задолжителен формулар за патување, со целосна вакцинација.

Формуларот останува задолжителен за сите лица кои во Белгија доаѓаат од трети земји, што не се на листата на ЕУ како епидемиолошки безбедни. Забраната за влез во земјата останува на сила за несуштинско патување на државјани од трети земји, кои немаат потврда за вакцинација, или за закрепнување од Ковид. Таа важи и за патниците од високо ризични земји, каде има појава на новата варијанта на вирусот.

Укинувањето на епидемиолошките мерки во Белгија доаѓа по значајното подобрување на епидемиолошката состојба во земјата.

На почетокот од март, бројот на новозаразени падна под 6.000 лица на дневно ниво. На болничко лекување од последици на инфекција со коронавирус се помалку од 2.000 лица.

Смртноста се намали од 37 отсто на 20, со што вкупниот број починати од почетокот на пандемијата во Белгија надмина 30.000 луѓе.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Белгија ќе го покрене прашањето за санкции против Израел во ЕУ

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски

Уапсени четири лица во Брисел: Планирале напад на концертната сала

(ВИДЕО) Хаос во Брисел: Земјоделците палат гуми и фрлаат измет кон полицијата

Стотици фармери ги блокираа патиштата околу белгиското пристаниште Антверпен-Бриж

20-метарска елка падна врз луѓе во Белгија, умре жена

Катерина Ѓуровски