Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека за мировната мисија во Мали требаат до 11.200 војници.
Во извештајот до Советот за безбедност на ОН, Бан вчера изјави дека бројот на војниците е доволен само за покривање на главните градови каде безбедносните ризици се најголеми.
Покрај овие сили, Бан рачуна и на “паралелни” во Мали и во соседните земји, што, според АФП, е јасен знак дека Франција би можела да задржи силно воено учество во конфликтот во Мали.
Бан рече дека овие други сили “би ги воделе големите борби и антитерористички операции, како и обезбедување специјална поддршка која не е во надлежност на ОН.”
Франција, потсетува АФП, во јануари испрати војници во Мали за да го запре напредувањето на исламските екстремисти кон главниот град Бамако. Исламистите и туарешките сепаратисти го презедоа северниот дел на Мали пред една година, благодарение на “вакуумот” на власта настаната по воениот удар.
Откако се протерани од Тимбукту и другите градови на Мали, исламистите сега почнаа герилски операции против француските, чадските и малиските сили.
Франција сака 15-члениот Совет за безбедност на ОН во април да усвои резолуција за формирање на мировни сили кои во Мали би можеле да бидат распоредени до јули.
Повеќето од овие сили би биле составени од војници од Западна Африка кои веќе се во Мали, пренесе АФП.