Свет без нуклеарно оружје е историски императив за нашето време, изјави денеска генералниот секретар на Обединети нации, Бан Ки-мун на отворањето на Конференцијата на ОН за неширење на нуклеарно оружје.
Тој предупреди дека светот е се поблизу до опасно враќање на менталитетот од Студената војна.
На конференцијата присуствуваат претставници од 190 држави потписнички на Договорот за неширење на нуклеарно оружје, но и Израел во својство на набљудувач, првпат по 20 години.
Во пораката на Бан, што ја прочита неговиот заменик Јан Елијасон, имплицитно се критикуваат САД и Русија поради тоа што не прават доволно за да се постигне напредок во нуклеарното разоружување.
– Длабоко сум загриужен што во изминатите пет години изгледа дека напредокот е закочен, наведува Бан и додава дека наместо тоа се случува „опасно враќање на менталитетот од Студената војна“.
САД и Русија поседуваат 90 отсто од вкупните резерви нуклеарно оружје во светот.
На маргините на конференцијата американскиот државен секретар Џон Кери ќе има средба со иранскиот колега Џавад Зариф што ќе биде нивна прва средба по маратонските преговори завршени со рамковен договор за спорната нуклеарна програма на Техеран.