Австрискиот претседател ќе го посети Иран по укинувањето на санкциите

Од:

Австрискиот претседател Хајнц Фишер изјави во Виена дека оваа година ќе го посети Иран, но дека тоа ќе уследи по укинувањето на меѓународните санкции кон Техеран.

Во разговор за весникот „Винер Цајтунг“ претседателот Фишер откри дека тој уште пред една година ја прифатил, во принцип, поканата од Иран да ја посети оваа земја. Предвидено е заедно со претседателот, во посета на Иран да отпатува и бројна австриска бизнис делегација.

Бизнисмените во Австрија гледаат можност за унапредување на трговските односи меѓу двете земји, како и за правење економски зделки,по укинувањето на санкциите.

– Првиот чекор е да се заокружат преговорите околу иранската нуклеарна програма и да се постигне конечен договор меѓу Иран и меѓународната шесторка (САД,Русија,Кина,Велика Британија и Франција,плус Германија),а потоа ќе се договориме за датумот на посетата.Ние овде, во Виена, ќе одлучиме како ќе изгледа нашата делегација, изјави за „Винер Цајтунг“ австрискиот претседател Хајнц Фишер.

Заминувањето на Фишер во Техеран ќе биде првата посета на еден западен државник на Иран по повеќе од една деценија.

Никој не го посети Иран во време додека претседател беше Махмуд Ахмединеџад, кој на таа функција беше меѓу 2005 и 2013 година.

Пред Фишер, во оваа земја на двапати престојуваше поранешниот австриски претседател Томас Клестл, првпат во 1999, а потоа и во 2004 година.

Австрија е неутрална држава и членка на ЕУ, но таа со векови претставува своевиден мост на Иран кон Европа и европскиот Запад. Австријците имаат традиционално добри економски врски со Иран, па во минатата година австриските компании имаа извоз од 213 милиони евра. Главно се извезуваат фармецевстски производи, храна и машни. Извозот на ирански стоки во 2014 година достигна износ од околу 20 милиони евра.

Изјавата на претседателот Фишер доаѓа во време на размена на остри пораки меѓу Техеран и Западот околу завршниот договор со „шесторката“ околу тајмингот за укинување на санкциите.

САД и Франција најавија дека санкциите ќе се укинуваат постепено, додека од Иран стигна предупредување дека нема да има договор доколку санкциите не се укинат уште првиот ден по потпишувањето.

Би можело да ве интересира

Голема лавина во Австрија: Четворица затрупани во снег, тројца мртви

Србин е уапсен во Австрија за силување жена

Селекторот на Австрија отстрани тројца играчи од тимот поради хомофобија

Tри борбени кучиња во Австрија убија жена, сопственичката на животните е осудена

Авганистанец е осомничен за убиството на три сексуални работнички во бордел во Виена

Горан Наумовски

За помалку од 24 часа во Виена се убиени четири жени и едно девојче