Атентатот – убиствено средство на политичката борба

Од:

Aл Џезира Балкан – Сараево

Од античките времиња, па до денес, атентатот е убиствено средство на политичката борба. Со атентати се рушени царства, симнувани диктатори, разгорувани локални и светски војни. Имало успешни и неуспешни атентати, тие кои претходеле на драматичните општествени промени, но и тие кои следеле како нивен епилог.

За самиот карактер на атентатот немало согласност. Уште од Аристотел, Цицерон или Тома Аквински многу филозофи го оправдувале политичкото убиство ако со него се ликвидира тиранин чие стравовладеење се заканувало да биде долговечно.

Под превез на тајната

Ако во 1944 година во Германија успеал т.н. Јулски заговор, познат и како операција Валкира, светот би ги славел одметнатите германски лидери кои го организирале атентатот на Хитлер. Прашање е каква би била судбината на Европа ако Гаврило Принцип не го застрелал австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и неговата сопруга во Сараево.

На сличен начин се шпекулира за тоа како би се развивала состојбата на Блискиот Исток ако во декември во 1995 година еврејскиот фундаменталист Јигал Амир не го убиеше израелскиот премиер и миротворец Јицак Рабин со пиштол, а тој пред маса луѓе во Тел Авив апелираше за мир и соживот со Палестинците.

Меѓутоа, имало и атентати кои до денес останаа обвиени во тајна и како такви станаа поволни за политички манипулации и теории на заговори.

Наводно нерешената мистерија за убиството на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди и по половина век не губи на актуелноста, најмногу поради медиумите кои се уште инсистираат на форензичка реконструкција и заговорничките конструкции.

Да не одиме подлабоко во историјата од убиството на Абрахам Линколн, па преку кралот Александар, Лав Троцки, веќе наведениот Џон. Ф. Кенеди и брат му Роберт, Мартин Лутер Кинг, Анвар ел-Садат, Индира и Раџив Ганди, Олаф Палме, па се до неодамнешното убиство на рускиот лидер на опозицијата Борис Немцов, политичките атентати го потресуваа светот, отворајќи нови или ширејќи ги постоечките кризни жаришта.

Ликвидации со политички потпис

Ниту на овие простори не недостасувале ликвидации со политички потпис. Додека се уште се слуша одекот на куршуми со кои беше убиен лутиот противник на Путин, Немцов, на овие простори од ново се појавуваат во сеќавање два атентати кои секој на свој начин, го потресоа тукашното трусно подрачје и предизвикаа некои важни политички процеси.

Така неодамна во Белград, Сретен Јозиќ познат како Јоца Амстердам, правосилно беше ослободен од обвинението дека во 2008 година го организирал убиството на хрватскиот новинар и издавач Иво Пуканиќ.

Неодамна е одбележана и 12-годишнина од убиството на Зоран Ѓинѓиќ, српски премиер кој на чело на Владата стапи по падот на Слободан Милошевиќ, а кој потоа го предаде на судот во Хаг и покрена многу реформи во Србија. Организаторите и извршителите на убиството на Ѓинѓиќ релативно брзо беа најдени и осудени. Се работеше за широка мрежа на мафија, поранешни специјалци и разузнавачи, а главниот организатор за убиството Милорад Улемек – Легија, како и убиецот Звездан Јовановиќ се осудени на затворски казни од 40 години.

Белградската новинарка Гордана Суша своевремено утврди дека политичките прашања во Србија често се решаваат со автоматско оружје. Во време на власта на Слободан Милошевиќ извршени беа најмалку десет атентати чии жртви беа политичари и новинари.

Меѓу другите, под неразјаснети околности беа убиени генералниот секретар на ЈУЛ, Зоран Тодоровиќ – Кундак, заменикот министер на полицијата Радован Стојичиќ – Баџа, шефот на војводинската Влада Бошко Перошевиќ, министерот за одбрана Павле Булатовиќ… Опозицискиот лидер Вук Драшковиќ два пати беше цел на неуспешни атентати.

Најпозната жртва сепак беше Иван Стамболиќ, кумот на Милошевиќ, кој јавно се покаја што му овозможил политички подем. Стамболиќ беше киднапиран во август 2000 година и неговата судбина беше непозната се до март 2003, кога две недели по убиството на Ѓинѓиќ, посмртните останки беа откриени на Фрушка Гора.

Порачателите остануваат непознати

Меѓутоа и во случајот на убиството на Ѓинѓиќ и во случајот на Пуканиќ, до денес не се расветлени вистинските мотиви, ниту пак е утврдена позадината, т.е. порачателите.

Иако за разлика од Ѓинѓиќ, не беше политичар во пракса, Иво Пуканиќ преку својот неделник „Национал“ несомнено беше политички играч, за чија тежина сведочи тоа што еден новинар успеал да го интервјуира Анте Готовина, додека тој се криеше пред обвинението од Хаг. Иако организаторите и вршителите на убиството на Пуканиќ брзо беа фатени и осудени и во тој случај се уште се непознати мотивите и порачателите.

Убиството на Пуканиќ во есента 2008 година само ги продлабочи драматичните настани во Хрватска, бидејќи неколку дена порано под мистериозни околности во Загреб беше убиена и ќерката на познатиот адвокат Звонимир Ходак, поради што тогашниот премиер Иво Санадер смени двајца министри, поставувајќи го за министер на внатрешни работи Томислав Карамарко.

Гледајќи од денешна перспектива, по тие убиства, политичките акции на Санадер почнаа да губат вредност, па осум месеци подоцна и самиот исто така од нејасни причини отстапи од должноста.

Идеалисти и(ли) ладнокрвни егзекутори

Атентатот или политичко убиство е чин со повеќе значења, посебно во време кога медиумите ја обликуваат јавноста и влијаат на јавното мислење повеќе од кога било. Дека медиумите можат да го одредат карактерот на атентатот истакнува Зоран Брајевиќ кој за тоа пишуваше во својот есеј „За атентатот како убиство без грижа на совест“.

– Како што покажа историјата, атентатот може да се изврши под превез на тајна, да се забошоти, маргинализира, понекаде да се расветли, да се претвори во херојски чин, а често повеќе исходи можат да се случат истовремено. Така да луѓето во една земја Гаврило Принцип го сметаат за јунак, а во друга оддалечена 300 километри, како ладнокрвно убиство на двајца невооружени сопружници, смета Брајевиќ.

Тој истакнува дека медиумите често го прават атентаторот речиси еднакво важен како и неговата жртва. – Кога некое убиство ќе се оцени како атентат, популарноста на убиецот многу брзо се изедначува со популарноста на убиениот. Кој знае за Џ. Ф. К., знае и за Ли Харви Освалд, вели Брајевиќ.

Исто можеме да кажеме и за Али Агџа, продолжува тој, кој изведе неуспешен атентат на папата Јован Павле Втори или за Марк Чапман, убиецот на Џон Ленон, а посебно за Гаврило Принцип. Притоа треба да се биде внимателен, па да се разликува, што би рекле филозофите, субјективниот идеализам на атентатор од стар ков, наспроти луди ликови или изнајмени ладнокрви егзекутори.

Брајевиќ истакна дека екгзекуторите од политички побуди стојат на скалата на етичките вредности далеку повеќе од бомбашите-самоубијци или полудените средношколци.

Неразјаснети убиства и јасни пораки

Хронологијата на политичките убиства во овие краеви сепак бележи многу повеќе злобници кои не убивале во име на идеалите, туку во туѓо име. Многу атентати, освен тоа, биле во функција на телеграми, т.е. адресирани пораки.

Во есента 1991 година на почетокот на војната во Хрватска, под околности кои ни до денес не се откриени, во неповрзани атентати беа убиени командирот на осиејчката полиција Јосип Реихл-Кир и потпретседателот на екстремно десната ХСП Анте Параѓиќ. Реихл-Кир тогаш се обидувал да ги смири растечките тензии со локалните Срби во околината на Осијек, додека Параѓиќ ги основал Хрватските одбранбени сили ХОС, партиска паравоена формација која не била по волја на тогашната власт.

Во Реихл-Кир на контролната точка до Осијек пукал припадник на резервниот состав на полицијата Антун Гудељ, додека Параѓиќ исто така е убиен во вкрстен оган на контролен полициски пункт близу Загреб. Двете убиства службено се протолкувани како кошмарен сплет на околностите.

За очигледна политичка ликвидација се смета и убиството на поранешниот командант на Хрватската војска Милан Левар во 2000 година во Госпиќ. Левар во средината на 90-те сведочеше пред хашките истражители за злосторствата на хрватските сили над граѓаните од српска националност на подрачјето на Госпиќ. Убиецот и евентуалниот порачател на неговата ликвидација до денес не се откриени.

Подоцна името на Левар се користеше како шифра во заканите со смрт на други политичари. Поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ речиси секојдневно имало закани со смрт, а една порака гласела дека ќе отиде во посета на Левар.

Бидејќи заканите со смрт исто така станаа средство на политички притисок, токму Месиќ, кој архивирал стотици такви закани, утврдил дека ако некој некого навистина сака да убие, тогаш тоа сигурно ќе го направи. Меѓутоа, ако не се заканува со празна пушка, тогаш еден човек и еден куршум се доволни да го запрат или покренат тркалото на локалната или глобалната историја и да ги поништат повеќегодишните миротворни или реформистички напори.

Би можело да ве интересира

Стејт департмент: Ескобар не е сменет, ќе добие нова функција во рамките на редовната ротација

Четворица тинејџери под истрага за нападот на германскиот пратеник Матијас Еке

Русија се закани дека ќе ја нападне Велика Британија

Горан Наумовски

ФСБ приведе Русин кој по наредба на Украина планирал да разнесе судски згради

Руски наредник уби командант и пет војници

Република: НАТО директно ќе влезе во војна доколку Русија премине една од двете црвени линии