Влијателната армија во Мјанмар во цивилниот живот врати 46 деца, со што ги продолжи напорите за прекин на оваа стара пракса во земјата, пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на мјанмарскиот печат.
Мјанмар во јуни 2012 година со ОН потпиша спогодба, чија цел беше да се спречи ангажирањето деца војници и на веќе ангажираните малолетници во војската да им се даде можност да бидат вратени во цивилниот живот.
Вчера, на церемонија во Јангон, 46 деца им беа вратени на семејствата, информира весникот на англиски јазик „Глоубл њу лајт оф Мјанмар“
Во 12 вакви акции армијата веќе ослободи вкупно 744 малолетни војници, а меѓу нив се и вчерашните 46 деца, забележа весникот.
Мјанманската армија е одлучна од своите редови да ги извади малолетните војници, дополнува весникот, цитирајќи го мјанманскиот генерал Таук Тун.
Нема точни податоци за бројот на малолетните, кои се уште служат во редовите на армијата. Таа беше обвинувана за нарушување на човековите права, вклучително и заради насилното врбување деца за носачи или чистачи на рудници.
Според ОН, најмалку седум бунтовнички групи од етничките малцинства ги користеле децата војници.
Откако во март 2011 година хунтата ја предаде власта, новите власти презедоа забележливи политички и економски реформи, што доведоа до повлекување на речиси сите санкции, што на змејата и беа наметнати од Западот, потсетуваат француските медиуми.