Друг неидентификуван објект е соборен над северноамериканскиот воздушен простор, потврди канадскиот премиер Џастин Трудо.
Трудо рече дека најновиот објект „го нарушил канадскиот воздушен простор“ и бил соборен над Јукон во северозападна Канада.
И канадските и американските авиони беа вклучени во следењето на објектот за кој Трудо вели дека бил соборен од американски Ф-22.
Трудо откри дека ја издал наредбата и дека разговарал со американскиот претседател Џо Бајден.
„Канадските сили сега ќе ги собираат и анализираат остатоците од објектот“, напиша тој на Твитер.
Тој се заблагодари на северноамериканската воздушна одбранбена команда (НОРАД), која претходно соопшти дека набљудува „воздушен објект на многу голема висина“ над северна Канада.