Амазонија гореше, светот обвинуваше, Бразил се бранеше

Од:

Најголемата дождовна шума во светот – Амазонија во август гореше во невидени размери, го достигна врвот од илјадници пожари, кои не беа забележани со години. Тој месец гореа 30.901 пожар, речиси трипати повеќе отколку во истиот период минатата година.

Неколку недели во август очите на светот беа свртени кон Бразил и реакцијата на неговата Влада. Облаци од чад ги задушија бразилските градови.

Пожари во Амазонија се вообичаени во периодот на август до крајот на октомври во текот на сушна година.

Неколку организации за заштита на животната средина и истражувачи тврдат дека тие се предизвикани од сточари и дрвосечачи кои сакаат да ја искористат земјата.

Програмскиот директор на непрофитната организација „Амазон воч“ (Amazon Watch), Кристијан Пуире смета дека поголемиот број пожари се предизвикани од човечки фактор, истакнувајќи дека и за време на сушниот период во Амазонија не доаѓа лесно до пожари.

Тој додаде дека земјоделците и сточарите преку пожарите ја расчистуваат земјата.

Според него, нивото на деструкција оваа година, во споредба со претходните години, е без преседан.

– Амазонија е неверојатно важна за нашата иднина. Амазонската прашума произведува околу 20 проценти од кислородот во светот, поради што се нарекува „планета на белите дробови“, вели Пуире.

Светската фондација за природа соопшти дека Амазонија е „неповратно оштетена“ и предупреди дека наместо кислород може да почне да испушта јаглерод, кој е главен двигател на климатските промени.

Бразилскиот министер за заштита на животната средина Рикардо Салес на Твитер напиша дека пожарите се предизвикани од сушното време, ветер и топлина.

Меѓутоа, метеорологот на Си-Ен-Ен, Хејли Бринк наведе дека за пожарите „дефинитивно е одговорен човечкиот фактор“, односно дека вината не може да се префрли на „природни причинители, како што е удар од гром“.

– Тоа е најдобро време за палење бидејќи вегетацијата е сува. Земјоделците ја чекаат сушната сезона и тогаш почнуваат да палат и да ја чистат областа за да се направи простор за пасење на стоката. И тоа е она што се сомневаме дека се случува таму, вели Бринк, додавајќи дека екот на сушната сезона е во септември.

Во меѓувреме, бројни еколози за пожарите го обвинуваа претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, кој за време на предизборната кампања вети дека ќе ја обнови економијата на земјата на начин што ќе го истражи економскиот потенцијал на Амазонија.

Болсонеро, за време на предизборната кампања, исто така често го доведуваше во прашање постоењето на глобалното затоплување и сугерираше дека би можел да го повлече Бразил од Парискиот договор за климата, по примерот на американскиот претседател Доналд Трамп. Сепак, не го стори тоа.

Организациите за заштита на животната средина сметаат дека Болсонаро ги охрабрил фармерите и дрвосечачите да ја експлоатираат и палат шумата како никогаш порано и дека нема да бидат казнети за таквите постапки.

Медиумите претходно пренесоа дека Болсонаро изјавил дека невладини организации ги подметнуваат пожарите во Амазонија со цел да ја дискредитираат неговата Влада откако им ги намалил финансиите.

Болсонаро негираше дека некогаш рекол дека невладини организации ги подметнале пожарите во шумите, укажувајќи дека зборувал само за лично сомневање.

Бразилските обвинители започнаа истрага за пожарите во Амазонија по медиумските известувања дека во најголем дел за тоа се виновни земјоделците, кои намерно ја палат шумата заради добивање место каде ќе ја пасат стоката.

Исто така, буџетот на бразилскиот Институт за животна средина и обновливи извори на енергија е намален за дури 23 милијарди долари, поради што институцијата задолжена за заштита на сојузните шуми не успеа да изведе ниту една операција на надзор на дефорестацијата во мај.

Бразилскиот претседател порача дека Владата има недостиг од средства за борба против пожарите во Амазонија и ги одби советите од странство за серијата шумски пожари.

– Бразилската Влада останува отворена за дијалог, базиран врз објективни податоци и взаемно почитување, напиша Болсонеро на Твитер.

Тој оцени дека предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на Г7 да се дискутира за проблемите во Амазонија, а притоа да не бидат вклучени земјите од регионот, сугерира на колонијалистички начин на размислување.

Макрон предупреди дека пожарите што го пустошат бразилскиот дел од Амазон претставуваат „меѓународна криза“ и ги повика членките на Г7 да разговараат за овој проблем на самитот во Бијариц, во Франција, што се одржа на 24 и 25 август.

„Нашата куќа е во пламен. Буквално. Гори Амазонија, белите дробови на нашата планета кои произиведуваат 20 отсто од кислородот. Ова е меѓународна криза. Членки на Г7, се гледаме за два дена кога ќе разговараме за овој проблем“, напиша францускиот претседател на Твитер.

Макрон со пораката на Твитер му се приклучи на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој истакна дека е „ длабоко загрижен“ поради пожарите во Амазонија.

Во одговорот на Твитер Болсонеро, исто така, напиша: Жалам што претседателот Макрон се обидува да инструментализира внатрешно прашање на Бразил и другите амазонски земји за сопствени политички поени. Сензационалистичкиот тон, со кој тој зборува за Амазонија, нема да го реши проблемот.

Болсонеро рече дека земјите кои донираат пари за заштита на шумите во Амазонија не го прават тоа од „милост“, туку за да се мешаат во суверенитетот на Бразил.

– Земјите кои праќаат пари не го прават тоа од милост. Тие праќаат пари за да се мешаат во нашиот суверенитет, напиша Болсонеро на Фејсбук.

Додека се зголемуваше меѓународниот притисок врз земјата и се бараше поголема акција во борбата против шумските пожари, бразилската војска истакна дека е подготвена да ја одбрани прашумата Амазонија.

– Војниците секогаш ќе бидат подготвени да бранат и одбиваат секаков вид закана, изјави командантот на вооружените сили на Бразил, Едисон Леал Пужол.

Коментирајќи ги повиците за Владата поактивно да се бори против шумските пожари, Болсонаро изјави дека Амазонија не е „наследство на човештвото“.

Според него, ваквите заклучоци, како и претставувањето на амазонските шуми како „бели дробови на планетата“ се погрешни.

Тој упати критики кон лидерите на „некои држави“, кои, наместо да помагаат, се однесувале „со непочитување во стилот на колонијалистичката политика“.

Болсонаро е категоричен дека Амазонија не е уништена и не е опфатена со шумски пожари, како што тоа го пренесуваат медиумите.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, изјави дека лидерите на Г7 „не можат да молчат“ пред пожарите во шумите на бразилскa Амазонија и дека ќе повика да се направат сите напори да се запре стихијата.

Таа во видео порака рече дека Германија го поддржува повикот на францускиот претседател Емануел Макрон да се разговара за пожарите во Амазон на самитот на Г7 што започна денеска во Биариц.

„Емануел Макрон е во право – нашата куќа гори и не можеме да молчиме“, рече Меркел.

Таа додаде дека лидерите се „потресени“ од пожарите што ја пустошат Амазонија и ќе разговараат за тоа како можат да помогнат.

Сепак, Бразил ја отфрли помошта што ја понудија земјите од Г7 за борба против пожарите.

– Се заблагодаруваме (на Г7 за понудената помош), но тие средства ќе бидат повеќе потребни за пошумување на Европа, напиша Оникс Лоренцони, шеф на кабинетот на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во блог на информативниот портал Г1.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека земјите на Г7 ќе издвојат 20 милиони долари за борба против пожарите во Амазонија.

– Макрон дури не успеа да избегне предвидлив пожар во црква која е дел од светско наследство, а сака да дели лекции на нашата земја, рече Лоренцони, алудирајќи на пожарот во Нотр Дам во Париз на 15 април.

Тој додаде дека Макрон има „многу работа дома и во француските колонии“.

– Бразил е демократска земја, слободна и никогаш немала колонијалистичко и империјалистичко однесување како што тоа можеби е и целта на Французинот Макрон, рече Лоренцони.

Претходно, бразилскиот министер за екологија Рикардо Салес оцени дека предложената помош би била добродојдена.

Меѓутоа, бразилскиот претседател Болсонаро подоцна се состана со неколку министри и ја смени реториката.

– Никому не му е потребна нова иницијатива за Амазонија, рече бразилскиот шеф на дипломатијата Ернесто Араухо, притоа укажувајќи дека веќе постојат механизми под покровителство на Конвенцијата на ОН за финансирање на борбата против уништување на шумите и пошумување.

Лидерите на Групата седум најразвиени земји во светот се согласија веднаш да финансираат фонд од 20 милиони американски долари за да им помогнат на земјите од регионот на Амазонија во борбата со шумските пожари и да започнат долгорочна глобална иницијатива за заштита на прашумите.

Од друга страна, корисниците на социјалната мрежа Твитер го повикаа основачот на компанијата „Амазон“ и најбогат човек на светот Џеф Безос да помогне да се спаси прашумата Амазонија од пожарите.

Твитерџиите го повикуваа Безос и поради тоа што неговата фирма го носи името „Амазон“.

Исто така, бразилскиот министер за надворешни работи Араујо негираше дека неговата земја ја запалила амазонската прашума и тврди дека неоснованите предупредувања за глобалните климатски промени се закана за суверенитетот на Бразил.

– Нема катастрофа со климатските промени. Од дискусијата што се водеше изгледаше дека дојде крај на светот, рече Араујо во интервју за фондација Херитаџ, додавајќи дека Бразил се доживува како земја која ја уништува планетата.

Араујо рече дека има недостиг од научни докази за причините за глобалното затоплување и дека заговорниците за климатски промени го зголемуваат алармот за политички цели, како дел од левичарскиот заговор против САД и Бразил, чиј суверенитет е загрозен.

Тој рече дека пожарите во Амазонија оваа година биле во рамки на годишниот просек и дека уништувањето на шумите во Бразил е одговорно за само два процента од глобалните емисии на СО2, додека глобалното уништување на шумите е одговорно за 11 проценти од вкупните емисии на СО2.

– Значи, дури и под претпоставка дека емисијата на CO2 директно ја контролира температурата, Бразил не е виновникот, истакна бразилскиот министер за надворешни работи.

Неодамнешните големи пожари во Амазонија, која се смета за важна заштита од климатските промени, предизвикаа голем меѓународен интерес и критики упатени кон бразилскиот претседател Жаир Болсонаро поради уништувањето на шумите за економски развој на регионот.

Податоците на бразилската Агенција за вселенски истражувања покажуваат дека оваа година рекорден број пожари се евидентирани во дождовните шуми во бразилскиот дел на Амазонија. Годинава во прашумите имаше 83 отсто пожари повеќе отколку во 2018 година, соопшти Агенцијата.

Најголемата дождовна шума во светот – Амазонија е клучна во борбата против глобалното затоплување. Шумските пожари вообичаено се случуваат за време на сушната сезона во Бразил, но и намерно се палат со цел расчистување на шумата заради простор за одгледување стока.

Податоците на Агенцијата за вселенски истражувања покажуваат дека повеќе од 72.000 пожари гореле меѓу јануари и август оваа година во бразилскиот дел на Амазонија. Ова е најголемиот број забележен од кога почнала да се води евиденција во 2013 година.

Пожарите во Амазонските прашуми, најверојатно, го забрзаа топењето на глечерите на Андите, потенцијално загрозувајќи снабдување со вода за десетици милиони луѓе, соопштија научници во ноември. Повеќе од 75 милиони луѓе зависат од водата од глечерите на Андите, вклучувајќи ги и земјоделците во областа.

 

МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Аеродром во Бразил e поплавен: „Салгадо Фиљо“ ќе е затворен до крајот на мај

Големи поплави во Бразил, загинаа 83 лица, 111 се исчезнати

(ВИДЕО) Гори зграда од 28 ката во Бразил

Горан Наумовски

Заложничка драма во Бразил, двајца се тешко ранети

Горан Наумовски

Српската репрезентативка преживеала пекол: Прво ја нападнале со ножеви, па и ставиле пиштол на глава

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Големи поплави и загинати во Бразил