Во текот на 2017 година ширум светот се регистрирани голем број кршење на човековите права, а политиката на омрза и страв стана нормална појава, за што придонесоа и некои од најмоќните светски лидери, се наведува во денеска објавениот Извештај на организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешанл“ (АИ).
Во документот се оценува дека постапките на лидерите во Египет, Филипините, Венецуела, Кина, Русија и САД придонеле за загрозување на правата на милиони луѓе,
– Тие отворено ги кршеа човековите права или повикуваа други да ги кршат. Така, филипинскиот претседател Родриго Дутерте буквално ги повикуваше луѓето да ги убиваат оние за кои се сомневаат дека се дилери на дрога, изјави директорката на АИ, Маргарет Хуанг при презентацијата на Извештајот во Њујорк.
Во документот се изнесени критики и на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп, поради неговата миграциска политика и загрозување на слободата на медиумите и на правата на жените.
– Еден од најлошите примери е прифаќањето на политиката за глобално молчење за планирањето на семејството. Организациите кои нудеа совети и информации за абортусот и услуги од сферата на репродуктивното здравје, сега мораат да изберат дали и натаму да ги советуваат жените да абортираат или да добиваат пари од американската влада, се наведува во документот.
Во извештајот како држави во кои е нагласено загрозувањето на слободата на изразување посебно се посочени Кина, Египет и Турција.
Во текстот се констатира напредокот кој е постигнат благодарение на „женските маршеви“ во САД и кампањата на движењето „#MeToo“, а пофалби се изнесени и на сметка на Тајван поради легализацијата на хомосексуалните бракови