Меѓународната организација Амнести интернешнал, која се бори против кршењето на човековите права, ги обвини властите во целиот свет дека не ја укинале тортурата, а биле обврзани да го сторат.
По повод 30 години откако ОН усвои Конвенција против тортура, АИ објави резултати од истражување според кои повеќето луѓе на сите континенти се уште сакаат построги закони што ќе ги заштитат од злоупотребување.
Истражувањето е спроведено на 21.000 луѓе во 21 земја од светот, а речиси половина од анкетираните стравуваат дека во случај на апсење би биле жртви на тортура, додека над 80 отсто сакаат построги закни со кои ќе се спречи тортурата.
– Властите низ светот се дволични. Со закон забрануваат злоупотребување, но во пракса придонесуваат за истотото, изјави Салил Шети, генералниот секретар на АИ.
Од 1984 година 155 држави ја имаат ратификувано Конвенцијата на ОН против тортурата.
АИ спроведе истражување во 142 земји на односот на државите кон тортурата. Резултатите покажуваат дека тортура се уште постои во најмалку 79 земји, од кои над половина се потписнички на Конвенцијата на ОН за забрана.
Конвенцијата се уште ја немаат ратификувани 40 земји членки на ОН, иако општата забрана на тортурата правно се однесува и на нив.