Јапонскиот премиер Шинѕо Абе ќе има денеска одвоени средби со американскиот претседател Барак Обама и со британскиот премиер Дејвид Камерон пред самитит на Г-7, соопшти претставник на јапонското Министерство за надворешни работи.
Меѓу темите за кои ќе разговараат Обама и Абе ќе биде превенцијата на криминални дела од лица од американските воени бази по апсењето минатата недела на американски службеник во врска со убиство на Јапонка.
Средбата на двајцата лидери ќе почне околу 21 часот по локално време во хотел во градот Шима, каде на 26 и 27 мај ќе се одржи самитот на Г-7, јави ТАСС.
Се очекува Абе да го осуди инцидентот и да побара затегнување на дисциплината меѓу вработените во базите на САД. Истовремено лидерите на двете земји ќе изразат поддршка за зајакнување на јапонско-американската алијанса.
Полицијата во префектурата Окинава на 19 мај го уапси 32 годишниот Американец, поранешен маринец, кој сега работи во базата на воено-воздухопловните сили на САД, Кадена како цивилен службеник, под сомнение дека „се ослободил“ од телото на 20-годишна Јапонка, која исчезнала во април. Ваква полициска формулација се користи пред покренувањето официјално обвинение за убиство.
Случајот предизвика протести во Јапонија и министерот за одбрана на САД, Ештон Картер веќе се извини поради него.