ВИДЕО: Три државни парцели стануваат приватни за нова шесткатница кај „Тифани“

Од:

Три парцели кај зградата „Тифани“ во најстрогиот центар на Скопје од државни стануваат приватни со објаснување од Управата за имотно-правни работи дека се работи за дооформување на парцела. Две од трите парцели, според јавно достапните податоци од Агенцијата за катастар на недвижностите, се сопственост на Република Македонија, а една е запишана како сопственост на Општина Центар. Оние што се во сопственост на РМ се со површина од 22 квадратни метри и 90 квадратни метри, а најголема е парцелата што во Катастарот се води како државен имот врз кој право на користење има Општина Центар. Таа има 301 квадратен метар, но, според документацијата до која дојде „А1он“, приватизација засега се одобрува на 185 квадратни метри.

Сопственост на државното земјиште побарала компанијата „СМС шопс“. Оваа компанија, заедно со неколку физички лица и Република Македонија, ја дели сопственоста на соседната постојна парцела, на која сега има двокатен објект. Урбанистичкиот план донесен во 2012 година овозможува таа парцела да се зголеми, со неа да се спои околното неизградено земјиште за изградба на зграда со висина од 21 метар, односно приземје и пет ката. Најголем дел од неизграденото земјиште, државна сопственост, сега се користи како паркинг.

Државното земјиште сега се користи како паркинг

За приватизација на земјиштето во корист на „СМС шопс“, Управата за имотно-прави работи експресно постапувала. Компанијата на 3 март годинава поднела барање да престане правото на користење што го имала Општина Центар, а тринаесет дена подоцна добила решение со кое престанува корисничкото право на Општината за тие да може да ја дооформат парцелата за новата шесткатница. За изработка на вакви решенија има граѓани што чекаат и по една деценија.

Од Министерството за финансии, во чиј состав како самостоен орган функционира Управата за имотно -правни работи, не одговорија на прашањата од „А1он“ по која цена ќе се приватизира земјиштето. Министерот Фатмир Бесими, минатата недела, по објавата дека за 7 евра квадрат државата приватизира земјиште спроти поранешната НИП „Нова Македонија“, уверуваше дека тоа ќе биде последен случај на продажба на државно земјиште по толку ниска цена, но не кажа кога ќе биде сменет ценовникот по кој се работи сега, усвоен во 2011 година. Од Министерството не одговорија на прашањето дали министерот Бесими ќе ја дозволи и оваа приватизација на државно земјиште иако се прави на речиси ист начин како онаа кај „Нова Македонија“ за која веќе се изјаснија дека е скандалозна.

За приватизацијата не сакаат да зборуваат ниту купувачите – „СМС шопс“. Од таму не одговорија на прашањата од „А1он“  испратени на официјалната имејл-адреса на компанијата.

Во Катастарот дел од државното земјите што станува приватно е на РМ, а дел на Општина Центар

Тие се сопственици на парцелите со кои граничи државното земјиште од две страни. Од едната страна веќе имаат изградено и нов објект, а од другата е објектот врз кој планот предвидува изградба на шесткатница. На спојувањето на парцелите работат од лани. Во февруари 2021 година веќе имале изготвен елаборат за оформување на парцелата за шесткатницата предвидена во планот.

Од Општина Центар потврдија дека на парцелата до зградата „Тифани“ предвидена е изградба на шесткатница со спојување неколку парцели во една поголема, но затекнати се од тоа што Управата им го одзема правото на користење на земјиштето и ќе бараат таквото решение да се поништи.

„Општината е затекната од решението за престанување на правото на користење градежно земјиште, што претставува дел од КП 11843/2 од КО Центар 1, со површина од 185 квадратни метри, од досегашниот корисник Општина Центар. Ова решение е донесено од Управата за имотно-правни работи, Подрачното одделение за првостепена управна постапка во Центар – Скопје при Министерството за финансии, со кое престанува нашето право на користење на градежното земјиште. Изненадени сме од фактот што Управата не побарала мислење од Општината пред да го донесе. Општина Центар ќе ги искористи сите правни средства и лекови за да се поништи донесеното решение од Управата за имотно-правни работи“, велат од Општина Центар.

Отуѓувањето на ова државно земјиште доаѓа по изјавите и на претходниот и на сегашниот градоначалник на Центар дека нема да дозволат злоупотреба на ниту педа државно земјиште.

Би можело да ве интересира

Место приватна шесткатница кај „Тифани“ се предвидуваат државни институции, Центар поднесе жалба за одземеното земјиште

Маја Илиевска-Пачемска

Ковачевски и Бесими молчат за трите државни парцели кај „Тифани“ кои стануваат приватни за шесткатница

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Моторни пили ечат на Водно, се сечат дрвја зад училиштето „Кочо Рацин“ за изградба на нова зграда

Маја Илиевска-Пачемска

Попова Шапка догодина се приватизира, целосно или со јавно-приватно партнерство

Жарко Настоски

Предметите за приватизација од 2018, 2019 и 2020 можат да се проверат на интернет

Ландов

Државната новинска агенција на Србија ќе биде приватизирана