Ковачевски и Бесими молчат за трите државни парцели кај „Тифани“ кои стануваат приватни за шесткатница

Од:

Министерот за финансии Фатмир Бесими и премиерот Димитар Ковачевски два дена молчат за отуѓувањето на трите државни парцели кај зградата „Тифани“ со кои се дооформува приватна парцела за изградба на нова шесткатница. Од кабинетите на министерот и на премиерот не одговараат на прашањата од „А1он“ за цената по која се отуѓува државното земјиште. Управата за имотно – правни работи, која функционира во рамки на Министерството за финансии како самостоен орган, води постапка во која трите парцели ќе станат приватни. Министерството за финансии и покрај заложбите за транспарентност, не дава објаснување за приватизирањето на имотот иако помина само една недела откако министерот Бесими јавно уверуваше дека приватизацијата на парцелата за хотел спроти поранешна НИП „Нова Македонија“ за седум евра по квадрат ќе биде последен таков пример. Не одговорија ниту од Владата од каде „А1он“ побара објаснување за цената и постапката за отуѓување на државното земјиште како и личен став на премиерот околу продажбата на државното земјиште.

Парцелата на Општина Центар има 301 квадратен метар, но од нив приватни, засега, стануваат само 185 квадратни метри неопходни за маркичката за шесткатницата

Две од трите државни парцели кои се спојуваат со една приватна за изградба на шесткатница, според јавно достапните податоци од Агенцијата за катастар на недвижностите, се сопственост на Република Македонија, а една е запишана како сопственост на Општина Центар. Оние што се во сопственост на РМ се со површина од 22 квадратни метри и 90 квадратни метри, а најголема е парцелата што во Катастарот се води како државен имот врз кој право на користење има Општина Центар. Таа има 301 квадратен метар, но, според документацијата до која дојде „А1он“, приватизација засега се одобрува на 185 квадратни метри.

Државното земјиште го побарала компанијата „СМС шопс“ која е сопственик на соседната парцела на која веќе има двокатен објект на чие место со спојувањето на парцелите, урбанистичкиот план од 2012 година предвидува нова зграда со приземје и пет ката. „СМС шопс“ барањето го поднеле на трети март годинава, а Управата за имотно – правни работи експресно го сработила па на 16 март веќе имале изготвено решение со кое се одзема корисничкото право на Општина Центар врз 185 – те квадратни метри кои недостасувале на соседната парцела за да може да се гради шесткатницата.

Додека Министерството за финансии и Владата молчат, Општина Центар најави дека ќе бара поништување на решението со кое им се одзема корисиничкото право на земјиштето. Од таму за „А1он“ изјавија дека се затекнати од решението на Управата и дека ќе ги преземат сите правни средства и лекови за негово поништување.

Општината денес преку соопштение извести дека подготвуваат жалба.

„По последните написи во медиумите за Решението за одземање на правото на користење на државното земјиште на катастарската парцела КП 11842/1, близу зградата „Тифани“, во надлежност на Општина Центар, од страна на Управата за имотно-правни работи, Подрачно одделение за првостепена управна постапка во Центар-Скопје, ве информираме дека Општина Центар веќе подготвува жалба за предметот. Зачудува фактот што Управата воопшто не ја исконсултирала Општината на кој било начин“ стои во соопштението од Општина Центар.

Државното земјиште во постапка да стане приватно сега се користи како паркинг.

Би можело да ве интересира

Место приватна шесткатница кај „Тифани“ се предвидуваат државни институции, Центар поднесе жалба за одземеното земјиште

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Три државни парцели стануваат приватни за нова шесткатница кај „Тифани“

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Моторни пили ечат на Водно, се сечат дрвја зад училиштето „Кочо Рацин“ за изградба на нова зграда

Маја Илиевска-Пачемска

Попова Шапка догодина се приватизира, целосно или со јавно-приватно партнерство

Жарко Настоски

Предметите за приватизација од 2018, 2019 и 2020 можат да се проверат на интернет

Ландов

Државната новинска агенција на Србија ќе биде приватизирана