Близу 90 отсто од родителите се согласуваат да се воведе сеопфатно сексуално образование во основните училишта, покажуваат резултатите од истражувањето што го спровела Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување „ХЕРА“. Во телефонското истражување биле анкетирани 800 родители/старатели за препораките на УНЕСКО-моделот на сеопфатното сексуално образование да ги вклучи темите кои треба да бидат изучувани во образовниот систем. Според овие препораки темите кои ССО треба да ги опфати се род, врски и односи, тело и слика за своето тело, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство и граѓански аспекти.
„Позитивно сме изненадени од високиот процент на родители кои се согласија со сите 12 прашања на спроведената анкета. Очигледно е дека родителите ја разбираат потребата од едукација на нивните деца. Кога пред неколку години имаше слична иницијатива, од Бирото за образование не се согласија да се почне со пилотирање на ССО затоа што сметаа дека ќе наиде на отпор кај родителите. Се надеваме дека до почетокот на пилот-програмата, која треба да почне идната година во 4 училишта, ќе се направи добра методологијата за наставата, како и оформување на образовен кадар за оваа тема“, рекоа од „ХЕРА“ на денешната прес-конференција.
Најголема согласност во 95 отсто постои за теми поврзани со заштита од насилство врз жените, сексуално насилство и насилство на социјалните мрежи, услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, заштита од несакана бременост, механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, промени во пубертетот. Иако со виско процент, односно 82 отсто, најмала согласност од понудените теми родителите покажуваат за значењето и давање согласност на партнерот/ката при влегување во сексуален однос, особено првиот.
„Наодите од истражувањето и одлуката на Владата за пилотирање на програма за сексуално образование во основните училишта се само уште еден доказ за подготвеноста на креаторите на политиките и родителите за конечно воведување на сексуално образование во наставата“, велат од „ХЕРА“.
Училиштата во кои е предвидено да почне пилот-програмата ќе бидат две во градска и две во рурална средина и истите ќе бидат со мешан етнички состав на ученици.