Собранието расправа за измени на Законот за работни односи поврзани со изградбата на коридорите

Од:

Собранието денеска на продолжение на 115. седница ја почна расправата за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка, во второ и трето читање, дел од пакетот предложени измени на пет закони поврзани со изградбата на коридорите и означени со европско знаменце.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и во овој дел од дебатата најавија дека нема да гласаат за измените бидејќи сметаат дека со нив се суспендираат правата од работен однос, за да се реализира, како што рекоа, проектот 40 плус 20 часа работа во текот на неделата. Работодавачите, според опозицијата, ќе ги уценуваат работниците да потпишат изјавите за согласност и ќе ги тераат да работат и до 72 часа. Побараа да се повлече законот и да се стави на увид Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

-Ова е уметничко-политичко решение, врвен дострел во политиката кога 60 ќе го замените со 40 плус 20. Тврдам дека сегашното решение 40 редовни работни часа и неограничени прекувремени часови е полошо решение од претходно понуденото со 60 часови затоа што со ова во текот на летото работодавачот можеби ќе им понуди на работниците да работат по 12 часа на ден. Ова е срамен чин кој ги суспендира сите конвенции за заштита на трудот. Се случува упад во системот, капитулација на работниците, синдикатите, Собранието, рече пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ.

Тврдењата на опозициските пратеници ги отфрлија од СДСМ, од каде порачаа дека не се нарушуваат правата на работниците, туку дека се создава можност за платена прекувремена работа за проекти од стратешки национален интерес. Прекувремената работа, според нив, не значи 60 часа неделно и оти во текот на целата година ќе има прекувремена работа. Тоа, тврдат, ќе зависи од временските услови за работа на терен и од активностите на процесите на трасите.

Жаклина Лазаревска од СДСМ, во реплика на Трајанов рече дека со измените се регулира прекувремената работа и местото и начинот на исплата на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон, како што е случајот со автопатите на коридорите 8 и 10 д.

Нема задолжително прекувремена работа, туку ако работникот потпише, а тоа е регулирано и за други работи во делот на работните односи, рече Лазаревска.

Со законските измени што ги предлага Владата, се дефинира дека заради континуитет во работата на овој проект прекувремена работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно.

Според заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, прекувремената работа не значи 60 часа неделно, а секој прекувремен час ќе биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор и со изјава за согласност од работникот.

– Работата над 40 часа неделно ќе се смета и плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор. Тоа значи дека работникот ќе има право на одмор од најмалку 12 часа во непрекинато меѓу два последователни денови во текот на 24 часа. Исто така, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес се јави потреба да можат да се спроведува и во недела. Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на плата на работници на проекти од национален и стратешки интерес, рече Хусејин на прес-конференцијата во Владата на која беа презентирани законските измени.

Предложените измени на Законот за работни односи со европско знаменце беа разгледани во Комисијата за европски прашања минатата недела, откако претходно до Собранието втор пат беа поднесени измени на закони поврзани со изградбата на коридорите, но овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце. Претходно поднесените измени, на предлог на пратеници, беа блокирани во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика од политичката партија Левица која поднесе 1.111 амандмани.

Во тек е редовна пауза на пратениците, а расправата ќе продолжи во 16 часот.

Би можело да ве интересира

Жителите на прилепски Оревоец со иницијативи и претставки до судовите за ископот на „Бехтел и Енка“

Европски фронт: Дали „Вреди“ се согласиле со ВМРО за ревизија на Коридорот 8

Новата влада ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“, а во првите сто дена ќе објави и инвестиција во енергетиката, најави Мицкоски

Предраг Петровиќ

„Бехтел и Енка“ бара од Стопанска Комора да им обезбеди 4.000 работници за работа на автопатите

Орце Костов

Жители на прилепското село Оревоец на протест поради најавените минирања од компанијата „Бехтел и Енка“

Захариески од ЗНАМ: На гостиварци им се одземаат имоти за автопатот по непристојни цени