Коридор 8 и критичните минерали отвораат стратешка можност за Македонија

Од:

Развојот на Коридор 8 не е важен само за транспортното поврзување на Балканот, туку и за пошироките европски цели за посигурни и поразновидни синџири на снабдување. На Министерската конференција во Софија, еврокомесарката за проширување Марта Кос ги посочи Македонија, Бугарија и Албанија како држави со стратешка положба за развојот на паневропската инфраструктура.

Коридорот треба да овозможи поефикасно движење на стоки од Црното до Јадранското Море и кон Италија, со придобивки за економиите на сите земји долж трасата. Ова поврзување добива дополнително значење во услови кога Европската Унија настојува да ја намали зависноста од ограничен број извори на критични минерални суровини и од мал број клучни транспортни рути.

Македонија засега не е активно вклучена во исполнувањето на целите од Директивата на ЕУ за критичните минерални суровини. Сепак, нејзината географска положба и потенцијалот на регионот ја отвораат темата за тоа како земјата може да се позиционира во идните европски инфраструктурни и економски планови.

„Мораме да ги диверзифицираме нашите опции. Токму тоа и го правиме“, порача Кос, посочувајќи дека ЕУ работи на мобилизирање до 12 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за подобрување на транспортната инфраструктура, изградба на капацитети и намалување на граничните доцнења.

Во овој контекст, прашањето за условите за реализација на инвестиции во Македонија, вклучително и проекти како „Иловица-Штука“, е дел од пошироката дебата за тоа како земјата може да ги искористи стратешките можности што ги отвораат европските приоритети.

 

Еврокомесарката за проширување претходно во текот на неделава во Брисел го презентираше и планот на Европската Комисија за побрзо интегрирање на земјите кандидатки, потенцирајќи дека идните членки можат да ја зајакнат одбранбената подготвеност на Унијата.

 

„Преку постоењето на ефикасни власти и почитувањето на заедничките правила, процесот на проширувањето може да го зајакне влијанието на политиките на Унијата во поголем обем. Поголемиот Единствен европски пазар, подобриот пристап до критичните суровини како што се ретките метали и подобрените индустриски капацитети создаваат можности за трговија, инвестиции и раст. Посилните енергетски, транспортни и дигитални мрежи ги намалуваат зависностите и ја зголемуваат безбедноста“, пишува во Планот.

 

Македонија како земја кандидат се очекува наскоро да го приспособи домашното законодавство во областа на рударството и геологијата со тоа на Унијата. Досега се усвоени Стратегија за минерални суровини 2026-2046 и Акциски план 2026-2030. Една од точките во Планот е изработка на Каталог на критични минерални суровини во Македонија.

 

„На Геолошкиот Завод (ГЗМ) да му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија и индустријата за рециклирање (која е на многу ниско ниво на развој). Направената анализа треба да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали. Резултатите од таквата анализа би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на Македонските метали и минерални ресурси, да покаже како Република Северна Македонија може да придонесе да се зголеми покриеноста на индустријата на Европа со користење на домашните минерални суровини, а истовремено и да ги зголеми можностите на Европа за извоз на критични метали и минерали, како и да се идентификуваат потенцијалните деловни можности за развој на нови бизниси“, пишува во Акцискиот план.

 

Дел од критичните минерали по кои трага ЕУ, а со кои Македонија изобилува, е бакарот. Единствен напреден проект во моментов е инвестицијата за ископ на бакар во Иловица, зад која стои мултинационалната компанија Трафигура. Додека и во Акцискиот план кој го изготвија експерти од повеќе институции, меѓу кои и МАНУ, се повикува да се разгледаат деловните можности за нови бизниси во рударството, сепак дел од јавноста континуирано го критикува проектот во Иловица. Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов, во последната колумна, изрази сомнеж дека зад критиките стои „руска пропаганда“ со лажни вести. Според него, институциите треба да расчистат за тоа кој ги загрозува стратешките интереси на Македонија кои се на линија со оние на ЕУ, НАТО и САД.

 

„Кој сака да го спречи влегувањето на една фирма со промет од 245 милијарди евра годишно во последните 10 години, која работи низ целиот свет, каде се вклучени самопрогласени еко активисти кои не манипулираат, најбрутално лажат за процеси и дигнале паника кај населението, а за истите немаат елементарни познавања“, прашува Грозданов.

 

Инаку, САД и ЕУ веќе одамна креираа Листа на критични минерални суровини, чија употреба е значајна во голем број на индустрии, вклучително и во воената. ЕУ го впиша бакарот образложувајќи дека металот „се користи во сите електрични и електронски апликации, вклучувајќи технологии за обновлива енергија, дистрибутивни мрежи, електрични возила, електронски уреди, авиони и одбранбени технологии, а ЕУ е зависна од снабдувањето со бакар од трети земји, особено во фазата на екстракција“. Се предвидува дека побарувачката на ЕУ за бакар ќе се зголеми за повеќе од 50% до 2050 година.

 

 

Би можело да ве интересира

Димитриеска-Кочоска: Со јавните финансии управуваме одговорно – Ребалансот е навремена реакција на новите економски услови

Рударските инженери повторно стануваат дефицитарна професија: САД бараат 6.000 нови кадри

Ивона Трајановска од Бизнис Арена: Македонските компании имаат потенцијал за раст надвор од домашниот пазар

Фондот на ПИОМ: Неточни се наводите дека Мемов изјавил оти Фондот „нема да издржи“, исплатата на пензиите е сигурна и редовна

ВИДЕО: Зошто македонските бизниси заостануваат и како дигитализацијата носи успех?

Предраг Петровиќ

Од дата-центрите до електромрежите: светот ќе бара сè повеќе бакар, Македонија го има потенцијалот за нов рудник

А1он