Масовниот туризам станува се поголем проблем кој мачи многу земји како Шпанија, Италија и Грција.
Во текот на оваа година, а особено во текот на летната сезона, бевме сведоци на масовни протести, воведување мерки против масовниот туризам и бурни реакции од локалното население кое порача: „Тука не се добредојдени туристите“.
Во април, Венеција воведе експериментален систем за плаќање за влез во центарот на градот со цел да се намали бројот на туристи за време на шпицот на сезоната.
Влезот беше пет евра, а иако пробниот период заврши во јули, Венеција сака да продолжи да им наплаќа влез на туристите, по двојно повисока цена. Дополнителна мерка е ограничување на лицата во туристичките групи на максимум 25.
Мерките против масовниот туризам се присутни и во другите делови на Италија, а новите информации открија дека Италијанците размислуваат и да го ограничат пристапот до еден од нивните најпосетувани споменици – Фонтаната Треви.
Оваа година, летната сезона во Шпанија беше одбележана со бројни протести против масовниот туризам во популарните дестинации како Барселона, Мајорка и Канарските Острови.
Локалните жители им рекоа на туристите: „Не сте добредојдени. Масовниот туризам ги брка соседите од нивните домови, ги троши основните ресурси, ја елиминира културата на соседството, ја убива локалната трговија, ги зголемува цените и го уништува наследството. Ние не сме ваш забавен парк. Одете дома“.
Жителите на Канарските острови побараа итно стопирање на изградбата на какво било сместување за одмор. Тие беа особено револтирани од планот со кој се предвидува изградба на над 129.000 нови туристички единици, со што се дуплира досегашниот капацитет.
„Границата е помината, а волјата на жителите на Канарските острови е јасна“, изјави локалното население.
На протестите во Палма де Мајорка се собраа и повеќе од 20.000 луѓе. Тие побараа ограничување на масовниот туризам, наведувајќи дека тоа им го расипува квалитетот на живот, како и дека туристите создаваат гужви, ја загрозуваат животната средина и прават врева.
Гневните демонстранти во Барселона дури ги прскаа туристите со водени пиштоли.
И покрај тоа што голем дел од приходите добиваат од туризмот, ниту Грците веќе не можат да издржуваат голем број туристи.
Очекувано, на удар се најпознатите острови како Санторини и Миконос, кои летово беа окупирани од туристи.
Можевме да видиме сцени од Санторини каде стотици луѓе чекаа со часови за да го фотографираат зајдисонцето. Поради ова, локалното население се повеќе се заморува, а нивниот секојдневен квалитет на живот е загрозен.
Затоа грчките власти размислуваат да воведат ограничување на годишниот број пристигнувања на крстарења на нивните познати острови.
Премиерот Киријакос Мицотакис најави дека следната година ќе спроведе план против сузбивање на масовниот туризам во областа. Патниците кои пристигнуваат од брод за крстарење до островите само за неколку часа плаќаат влез на островот по 20 евра.
Оваа сезона почнаа да важат нови правила, според кои најмалку 50% од површината на плажата мора да остане достапна за јавноста.
На баровите и хотелите им е потребна дозвола за поставување лежалки, чадори и столчиња, а половина од плажата мора да остане бесплатна.
Локалните жители беа особено лути поради гужвите и големиот број лежалки на плажите и презедоа акција во таканареченото движење пешкири за плажа за да се спротивстават на плаќање лежалки во нивната земја.
Се чини дека парите ќе бидат главното „оружје“ против масовниот туризам, а се верува дека наплатата за влез на познати дестинации ќе доведе до намалување на бројот на туристи.