На денешната прес конференција која ја одржа кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и Коалицијата, Оливер Илиевски, беа презентирани неколку проекти значајни за градот од Програмата „ Најдоброто за Куманово“.
Илиевски потенцираше дека од исклучителна важност во Програмата се реконструкција на сите оштетени улици и тротоари и водоводна мрежа, додека станбените згради во централното градско подрачје на улиците Народна Револуција, Среќко Пужаљка, Ленинова, Тодор Велков, плоштад Маршал Тито, ќе добијат нови енергетски фасади со што ќе се надополни сликата за еден современ, убав и европски плоштад, кој Куманово го заслужува.
„Плоштадот е еден од најважните елементи во урбанистичкото планирање во градовите. На многумина од нас плоштадот е дел од нашето секојдневие, тука се движиме во работните денови, тука шетаат пензионерите и родителите со своите деца. Тука се оддржуваат скоро сите важни настани, музички концерти и други културни настани, политички и граѓански собири, едноставно плоштадот е центарот на случувањата во градот, простор кадешто планираме да се оддржува и дел од мултимедијалниот фестивал Кумановско културно лето.“- рече Илиевски.
Тој истакна дека тргнувајќи токму од тоа дека плоштадот е центар на случувањата во еден град, во Програма „Најдоброто за Куманово“ еден од клучните проекти со кој ќе го отпочне наредниот мандат е изградба на модерен плоштад со градско шеталиште, со спојување на двата плоштада „Нова Југославија“ и „ Маршал Тито“.
„Со нивното поврзување предвидуваме и изградба на подземен паркинг простор на неколку нивоа со 700 места, како подземни сообраќајници со подземен влез од Народна Револуција до улица Ленинова, како и од Иво Лола Рибар до Ленинова. Со тоа го олеснуваме сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, го намалуваме загадувањето и придонесуваме кон почиста средина.“- објасни Илиевски.
За овој проект, локалната самоуправа, како што рече Илиевски ќе одели 1.500.000 евра, финансиски средства од својот буџет, додека останатите средства ќе ги обезбеди Владата предводена од СДСМ.