Данската пливачка Рене Мелер Педерсен е нова светска рекордерка на 200 метри градно. Таа во полуфиналето на Светското првенство во Барселона исплива време – 2:19.11 и за 48 стотинки го собори светскиот рекорд на Ребека Сони од Олимписките игри од Лондон.
Во финалните трки – светски првак на 200 метри мешано кај мажите стана Американецот Рајан Лохте, за кого ова беше трета титула по ред.
Втор заврши Косуке Хагино од Јапонија, а трет Тиаго Переира од Бразил. На 100 метри слободно Џејмс Магнусен од Австралија зад себе ги остави Американците Џејмс Фаген и Нејтан Едриен.
Кај жените на 200 метри пеперутка златниот медал за Лиу Циге од Кина, среброто го освои Шпанката Миреиа Белмонте Гарсија, а бронзата Катинка Хосу од Унгарија.
Првото место и второто место на 50 метри грбно им припаднаа на пливачките од Кина. Најбрза беше Јинг Жао и стана првата пливачка која го одбранила златниот медал, пред Јуанхуи Фу, а трета беше Аја Теракава од Јапонија.
Штафетата на САД во трката 4 х 200 метри слободно го освои златниот медал што за нив беше петти златен медал во низа на светските првенства, пред Австралија и Франција.