Отворените забавни летни фудбалски школи „Open Fun Football Schools“ годинава во Крива Паланка ќе се оддржат од 17 до 21 август. За учество може да се пријават сите деца на возраст од шест до единаесет години.
Настанот ќе се одржи под покровителство на градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и Советот на општината, во соработка со отворените канцеларии на „Open Fun Football Schools“ Македонија.
Опен фан фудбал е хуманитарен, политички неутрален и непрофитен проект, организиран од страна на Cross Cultures Project Association, Данска. И годинава околу двесте дечиња на возраст од шест до 11 години ќе ги учат основите на фудбалската игра на петнаесеттата отворена летна фудбалска школа, која промовира концепт на единство, дружба и спортска игра, нагласија организаторите.
Годинашната школа во Крива Паланка ќе се одржи на градскиот стадион, а пријавувањето е најдоцна до четврток, кај тренерот Бранко Павловски – Пикси.