Со атрактивната ноќна трка синоќа почна третото по ред „Македонско трофи („Macedonian trophy“), кое денеска и утре ќе се одвива на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово и низ околината на Прилеп. Околу 240 рели возачи од Бугарија, Црна Гора, од Србија, Косово и од Македонија ги возат возбудливите етапи и трки.
Според Панче Чупаркоски претседател на клубот „Офф роуд“, организатор на меѓународната трка со џипови, ова е единствен настан од ваков вид во Македонија и годинава има најмногу учесници споредено со изминатите две години. Новината е ноќното возење.
– Годинава е многу помасовно на ова единствено меѓународното рели „Macedonian trophy“. Новината годинава е што се вози три дена. Синоќа, за прв пат почнавме со ноќна трка. Се возеа четири тешки терени во вкупна должина од 25 километри во рок од четири часа. Денеска се вози од Старо Лагово, прилепско во должина од 60 километри со 8-9 тешко поминливи специјали (етапи). И утре ќе се вози кај Старо Лагово, на полигонот за екстремни спортови и покрај патеката и публиката ќе може да го следи целиот натпревар. Овој спорт е реалитивно нов за Македонија, единствено се одржува во Прилеп. Нашиот клуб е единствен кој има толку развиени и подготвени возила и се натпреваруваме и надвор од земјава, во Бугарија, рече Чупаркоски.
Учесниците се возбудени и очекуваат одлични натпреварувања, зашто патеките се организирани и пределите прекрасни.
– Гледам, годинава има двојно повеќе џипови. Добро се направени патеките за трка, организаторот одлично ја завршил работата, вели Љубен Динев од Бугарија, лански победник на трката.
Рели-возачот Братислав Миниќ од Србија вели дека доаѓа втор пат.
– Организаторите дале се од себе и се е на високо ниво. Очекувам добра забава, трка, пределите ви се прекрасни. Јас 25 години се занимавам со овој адреналински спорт. Навистина е скап спорт, но што не е скапо во животот, потенцира тој.
Според судијата на трката Гоце Цуцулоски натпреварувачите се запознаени со правилата, треба етапите да ги извозат што побрзо, во спротивно се добиваат казнени поени. Најдобрите ќе победат, а интенцијата е ова меѓународно рели да влезе во календарот на европската федерација на вакви натпреварувања.
– Со натпреварувачите се одржа брифинг. Се запознаа со трасите. Очекуваме добар натпревар овие денови, публика и одличен натпреварувачки дух. Патеката во Старо Лагово е една од најдобрите на Балканот. Интенцијата, инаку е ова меѓународно рели да влезе во календарот на Европската федерација на вакви рели натпревари. Инаку, со намера сме да организираме балканско-рели меѓу три држави: Бугарија, Србија и Македонија, објаснува Гоце Цуцулоски, судија на натпреварот.
Денеска се вози во околината на прилеп, а по утрешните натпреварувања на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово, ќе бидат прогласени победниците на третото по ред „Macedonian trophy“.