На градскиот стадион во Општина Крива Паланка од денеска до 23 август околу двесте дечиња на возраст од шест до 11 години ќе се дружат и забавуваат во рамки на годинашното издание на отворените фудбалски игри „Опен фан фудбал“.
Манифестацијата се одржува деценија и пол, а покрај организаторите „Опен фан фудбал Македонија“ и локалните координатори, школата е поддржана и од локалната самоуправа на општината.
Концептот на отворени забавни фудбалски школи е идеален начин дечињата од најрана возраст да го засакаат спортот, не само фудбалот, туку и да научат низ игра и забава да се дружат и да настапуваат тимски, водени од идејата за еднаквост и фер игра, што во животот ќе им овозможи правилен начин на дејствување.
За реализацијата на „Опен фан фудбал“ во Крива Паланка се задолжени 12 тренери и исто толку асистенти, што ќе ги водат дечињата низ петдневните неколкучасовни активности.
Школата ќе трае до петок, кога на официјалната завршна церемонија ќе бидат доделени дипломи за учество.