Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечер 19 часот ја пречекуваат екипата на Цедевита со чиј дуел се заокружува првиот дел од сезоната во АБА лигата. МЗТ Скопје е во лоша серија од пет последователни порази во регионалното натпреварување, додека евролигашот Цедевита е во самиот врв на табелата, па во оваа средба влегува како голем фаворит.
– На гости ни доаѓа еден од главните фаворити за највисок пласман во АБА лигата. Склопија одличен состав кој е комбинација на домашни кошаркари и играчи кои доаѓаат од САД, кои се и со НБА искуство. Играат навистина добро, а доказ за тоа се четирите победи во Евролигата како и пласманот во горниот дел од табелата во регионалното натпреварување. Ќе мораме да одиграме многу подобро, поборбено и попаметно доколку сакаме успешно да парираме на фаворизираниот состав на Цедевита, изјави тренерот на аеродромци Алеш Пипан.
Тежок дуел очекува и најдобриот играч на македонскиот шампион Ѓорѓе Дреновац.
– Сигурно е дека ни престои еден тежок натпревар против квалитетна евролигашка екипа. Доколку сакаме да се оствари позитивен резултат, секој од нас ќе мора да одигра над своите можности. Ова е прилика за нас против една од најквалитетните екипи во регионот да покажеме дека кризата е зад нас и дека ќе се вратиме на правиот пат во вториот дел од сезоната во АБА лигата, изјави Дреновац.
Цедевита досега има биланс 9-3 (победи-порази), а МЗТ (4-8).
Води Будуќност со 11-2 (победи-порази), пред Црвена звезда, Цедевита и Мега Лекс со 9-3.