Со натпреварите од А-Д сегментот, вечерва стартуваше фудбалската Лига на шампиони.
Јувентус и оваа година на гостување во Данска киксираше, па така италијанскиот првак одигра само 1-1 на дуелот со Копенхаген. Јоргенсен ги доведе домаќините во водство, по што следеше целосна доминација на „старата дама“.
Квалјарела израмни на стартот од второто полувреме, но избраниците на Антонио Конте промашија неколку стопроцентни шанси за да направат целосен пресврт и на крајот мораа да се задоволат само со еден бод.
Реал ја забележа најубедливата победа, откако во Истанбул го декласира Галатасарај со 6:1. Три гола на оваа средба постигна Кристијано Роналдо, кој веднаш започна да го исплаќа новиот договор, според кој годишно ќе заработува по 21 милиони евра.
Натпреварот на голот на Реал го започна Икер Касиљас, но тој во игра беше само 14 минути, а потоа поради повреда му го отстапи местото на Диего Лопез.
Бранителот на титулата Баерн Минхен, рутински ја совлада ЦСКА Москва, Алаба, Манџукиќ и Робен беа стрелци за Баварците.
Моќно на стартот делуваше и ПСЖ, кој се прошета низ Атина, победувајќи го Олимпијакос со 4:1. Победата на парижаните можеше да биде и поубедлива, но Ибрахимовиќ не успеа да реализира пенал.
Резултати:
Група А: Манчестер ј. – Баер Л. 4-2, Р. Сосиедад – Шахтјор 0-2
Група Б: Копенхаген – Јувентус 1-1, Галатасарај – Реал М. 1-6.
Група Ц: Олимпијакос – ПСЖ 1-4, Бенфика – Андерлехт 2-0.
Група Д: Баерн М. – ЦСКА М. 3-0, Плзењ – Ман. сити 0-3.