Тренерот на ПСВ, Марк ван Бомел се надева дека Аријен Робен ќе се врати во холандскиот клуб од новата сезона.
Стратегот зборуваше пред холандските медиуми и разјасни дека имал „повеќе од еден телефонски разговор“ со ветеранот Робен, чиј договор со Баерн (Минхен) истекува на 30 јуни.
– Тој треба да донесе одлука. Тоа е многу едноставно. Знае дека многу би сакале да го имаме во составот. Му даваме шанса да одлучи, изјави Ван Бомел, кој е поранешен тимски колега на Ариен Робен во холандскиот национален тим, ПСВ Ајндховен и Баерн.
Триесет и пет годишниот Робен играше во дресот на Баварците во последните десет сезони.
– Нема да го притискам. Ова е важна одлука за него. Може да сопре, но може и да продолжи. Може да отиде во друг тим, но може и да се приклучи кон нас. Нормално е да има повеќе понуди, рече уште Ван Бомел.