Во првиот натпревар од 12. коло на регионалната кошаркарска АБА лига, екипата на Унион Олимпија го победи Левски.
На средбата одиграна попладнево во Љубљана, кошаркарите на Олимпија славеа очекувана победа над последнопласираниот тим во лигата со 89:70, по четвртини 30:17, 25:25, 8:14 и 26:14.
Марко Мариновиќ со 23 и Дино Муриќ со 22 поени беа најефикасни во редовите на Олимпија, за која ова беше осма победа со која сега се проби на третото место на табелата.
Покрај овој меч, денеска во АБА лигата се играат уште три натпревари: Шолнок – Крка, Задар – Партизан и Мега Лекс – Металац.
Утре од 17 часот на програмата се два натпревари. Во Загреб, македонскиот шампион МЗТ Скопје гостува кај Цибона, а во Подгорица, Будуќност ја пречекува Цедевита.
Колото ќе биде заокружено со средбата Црвена звезда – Игокеа, која ќе се игра во понеделник.
Табела: Црвена Звезда 11-0 (победи-порази), Будуќност 10-1, Унион Олимпија 8-4, Цедевита 7-4, Партизан 6-5, Крка 5-6, Мега 5-6, Шолнок 5-6, Цибона 5-6, Задар 4-7, Металац 4-7, МЗТ Скопје 4-7, Игокеа 3-8 и Левски 1-11.