На денешните квалификации за третата трка од календарот на кружни патеки во Кичево, почина еден од автомобилистите кои се бореа за подобра стартна позиција.
– Во последниот круг, 58-годишниот Александар Кочевски, поради срцев удар ја загубил контролата на возилото и бавно завршил во зелениот простор околу патеката. Нашата екипа и судиите, заедно со медицинскиот тим, веднаш пристигнаа на лице место, Кочевски беше итно префрлен во Ургентниот центар во Кичево, каде по долга борба на целокупниот медицински персонал за негово реанимирање, беше констатирана неговата смрт, соопшти АКК Кастм Кар Рејсинг Рено Спорт и изрази сочувство на семејството и пријателите на починатиот возач.
Од клубот велат дека ги презеле сите стандарни мерки за организација на една трка, а местото, односно правецот по свиокот три, а пред свиокот четири на патеката во Кичево, не е место на кое може да се случи возачка грешка или организациски пропуст, кој би довел до ваков или сличен немил настан.
– Колегите од „Твинго Куп“ нема да ја возат закажаната трка, но трките в недела во другите конкуренции ќе се одржат, а следните трки што ќе се одржат во нашата конкуренција, ќе бидат насловени „Ин Мемориам – Александар Кочевски“ во чест на нашиот драг колега. Воедно, „Рено Спорт“ кој е организаторо на „Твинго Куп“, заедно со сите натпреварувачи учесници на трките, изразуваат длабоко сочувство до најблиските на Александар Кочевски, а нивната следна трка исто така ќе се вози во негова чест, се вели во соопштението.