Торино се повлече од заедничката кандидатура со Кортина Д’Aмпецо и со Милано за организирање на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година, откако не беше постигнат договор кој од трите италијански градови ќе ја има водечката улога во проектот.
Кортина Д’Aмпецо и Милано ќе се обидат да ја продолжат кандидатурата, меѓутоа проектот веќе нема да го финансира италијанската влада.
– Важен проект како организација на Олимписки игри мора да започне на здрави основи, а овде тоа го нема. Поради тоа предлогот веќе ја нема нашата поддршка, истакна државниот секретар Џанкарло Џорџети.
Меѓутоа, од Владата наведуваат дека нема да ја попречуваат кандидатурата на двата града. Италија досега двапати беше домаќин на Зимските олимписки игри – во 1956 година во Кортина и во 2006 година во Торино.