Македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе постигна нова победа на денешната трка која се возеше на патеката „Кот Сент Урсан – Лес Ранжие“ во Швајцарија.
Стефановски е актуелен шампион во групата Н на ридски патеки и тој имаше шанса титулата европски првак да ја одбрани и по оваа трка, но неговиот конкурент Лукас Војачек избори место на пиедесталот, што значи дека промоцијата на одбраната на титулата е одложена за некоја следна трка.
Стефановски имаше две одлични возења (2:22.098 и 2:19.716 минути) кои му го донесоа првото место, додека третото возење беше откажано поради лошо време.
Популарниот Иџе во Швајцарија на најбрзата патека ја оствари својата осма победа годинава од вкупно 10 извозени трки. Стефановски има вкупно 200 бодови, за разлика од Војачек, кој има 166.
До крајот на шампионатот остануваат да се возат уште две трки.