Европската авантура на нашиот најдобар автомобилист, Игор Стефановски – Иџе и неговото Mitsubishi Lancer Evo IX повторно доживуваше драматични моменти помеѓу трките во Словачка и Германија. Сепак, среќата ги прати храбрите, па така и овојпат, силниот дух на тимот и големата желба да се стигне до европската титула на ридски патеки беше посилна од сите новонастанати проблеми.
На последната трка од Европското првенство на ридски патеки во Словачка која се возеше минатиов викенд, Стефановски заврши како трет за задржување на лидерската позиција во генералниот пласман, но остана без тркачкиот менувач на возилото поради дефект. Mораше да се реагира брзо и да се набави нов менувач од специјализирана тјунинг фирма за тркачки возила во Словачка.
Тимот на Стефановски таму го чекаше првиот шок – цената на новиот менувач изнесуваше 7.000 евра. По поправките на возилото и моторот од големите оштетувања од трките во Чешка и Полска, ова беше трет голем удар за и онака веќе драстично осакатениот финансиски буџет. Сепак, семејството на Иџе, односно неговиот татко и брат решија да бидат “инстант финансиерите“ на новиот менувач.
Но, следуваше вториот шок. Фирмата во Словачка ги изработува менувачите само по нарачка за возила од Светскиот рели шампионат па за Иџе мораше да се чека 7 до 10 дена. За среќа, помошта дојде од словачкиот шампион Петер Јурена. Употребувајќи го целиот авторитет и личен ангажман, Јурена успеа да “го уфрли“ Иџе преку редот на чекање и по две деноноќија постојана работа, новиот менувач беше склопен, тестиран и вграден во возилото на Иџе. За одмор не остана време, тимот веднаш тргна за Германија за што побрзо да стигне до Штеинбах како би имал Иџе барем малку време да се запознае со патеката.
– Ни останаа уште 4 трки до крајот, во одлична позиција сме да го задржиме лидерското место во генералниот пласман. Сепак, сите овие дефекти и непланирани трошоци финансиски не исцрпија, така да до крајот на сезоната не чека жестока битка и со финансиите и со конкуренцијата.
Голема благодарност за досегашниот придонес на моите спонзори и сите оние кои не поддржаа досега, сите тие се многу важен дел од мојот досегашен успех, но сите оштетувања и дефекти на возилото во последните месец и пол дена придонесоа трошоците значиелно да ги надминат планираните ставки, така што по враќањето во Македонија ќе мора да направиме дополнителен напор на тоа поле за безбеден финиш на сезоната. Овојпат во Словачка, клучната улога ја одиграа мојот татко и брат без кои сезоната ќе беше загубена – изјави Иџе.
Трката “Гласбахренен“ во Германија е деветта од Европското првенство на ридски патеки. Долга е 5.500 метри, има 35 свиоци и капацитет за 30.000 гледачи. Се работи за најмодерната патека во Германија од аспект на технологија за следење на трката и безбедносни стандарди. За прв пат се најде на Европскиот календар минатата година.
– Ова е многу техничка патека која потсетува на онаа во Шпанија од почетокот на сезоната. Исто како и таму и овде заштитните огради се многу блиску до патеката и нема простор за грешка. Во Шпанија излезе дека таков тип на патеки многу ми лежат, се надевам дека така ќе биде и овде. Мал хендикеп е што организаторот ја има затворено патеката и не може да се помине со обично возило за да се запознаеме со свиоците – изјави Иџе по пристигнувањето во Германија.
На целата трка која се вози за осум шампионати се очекуваат околу 200 возила. Во групата Н во која се натпреварува Иџе има пријавено вкупно 11 возачи од кои најзвучното име е Европскиот шампион на ридски патеки од 2010 година, домашниот возач Роланд Ванек.