Стале Солбакен тренерот на данскиот фудбалски првак Копенхаген противникот на Вардар во Лигата на шампионите потенцира дека на гостувањето во Скопје, е дојден со цел да не загуби со висок резултат како што тоа беше случај до шведскиот Малме во претходната рунда.
– Дојдовме овде со една цел, да не си поминеме како нашите соседи Малме. Го гледавме двомечот, анализиравме, и можам да кажам дека Вардар има одличен тим, со навистина врвни индивидуалци. Би ги издвоил креаторот на играта Фелипе, робусниот напаѓач Балотели, но и капитенот Грнчаров. Секако, тука се и двајцата играчи за врска, Спировски и Николов, како и голманот Гачевски, кој бранеше навистина одлично на двата меча против Малме, рече Солбакен на прес-конференцијата во пресрет на официјалниот тренинг на тимот, кој ќе се одржи на комплексот „Петар Милошевски“ крај ФФМ.
Данскиот тренер смета дека Вардар е тим за почит, кој заслужено го елиминира шведскиот претставник Малме, но покрај добрите има и негативни страни во својата игра.
– Вардар има и слаби страни, кои сега секако нема да ги кажам, но ќе се обидеме да ги искористиме на утрешниот меч, изјави тренерот на Копенхаген.
За разлика од Малме, екипата на Копенхаген ќе игра на арената „Филип Втори“, што од една страна преставува добра работа, бидејќи станува збор за добар терен, но од друга страна Солбакен е свесен дека неговите избраници утревечер ги очекува пеколна атмосфера.
– Ние сме во мала предност, затоа што на првиот меч гостуваме, а ќе играме и на добар терен, на стадионот во Скопје. Но, од друга страна, тука ќе има повеќе публика и ќе биде сигурно пеколно. Сепак, подготвени сме за сите искушенија, потенцира Солбакен.
Дуелот, Вардар – Копенхаген ќе се игра утре со почеток од 20 часот.