Словенечкиот судија Дамир Скомина ќе раководи со финалето на Лигата на шампионите помеѓу Тотенхем и Ливерпул, објави денеска од УЕФА.
Двата англиски тима ќе се соочат еден против друг на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид на 1 јуни од 21:00 часот по македонско време.
Четириесет и две годишниот Скомина е меѓународен судија од 2002-ра година и со ова назначување ќе направи своевиден европски „хет-трик“, бидејќи веќе го водел финалето на Лига Европа меѓу Ајакс и Манчестер Јунајтед пред две години и натпреварот за Суперкупот на Европа меѓу Челзи и Атлетико Мадрид во 2012 година.
Скомина ја извршуваше и функцијата на четвртиот судија за време на финалето на Лигата на Шампионите помеѓу Борусија Дортмунд и Баерн Минхен во 2013-та година.
Оваа сезона словенечкиот судија водеше четири натпревари од најпрестижниот европски клупски турнир и два од Лигата на Европа. Во финалето во Мадрид негови помошници ќе бидат сонародниците Јуре Прапотник и Роберт Вукан, а четвртиот судија ќе биде Антонио Матеу Лопез од Шпанија.
Улогата на ВАР судија е доверена на Холанѓанецот Дени Макели, а неговите помошници ќе бидат Пол ван Бокел, Феликс Цвајер и Марк Борш.