Македонскиот првак Шкендија го победи Шериф Тираспол од Молдавија со 1:0 на првиот натпревар од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите што се одигра во Скопје.
Стрелец на единствениот гол беше Бесарт Ибраими, кој од слободен удар во 24-та минута му донесе минимално водство на македонскиот шампион од 1:0, но доволно за победа.
Шкендија во првиот дел преку Стенио Жуниор имаше уште две сериозни шанси да ја зголеми предноста и тоа во 36-та минута бразилскиот фудбалер не успеа да реализира удар со глава, а потоа во 41-та минута ја погоди стативата.
Шериф неколкупати се обиде да стигне до израмнувачки гол, но Шкендија благодарение на интервенциите на голманот Костадин Захов ја зачува предноста до крајот на натпреварот.
Реваншот се игра седум дена подоцна на 31 јули од 19:00 часот во Тираспол.