Македонскиот првак Вардар ги прави последните подготовки за утрешниот меч против Копенхаген во рамките од третото претквалификациско коло за Лигата на шампионите.
Тренерот на Вардар Гоце Седлоски верува дека неговите избраници уште еднаш, како што беше тоа случај на дуелот против Малме, ќе го дадат максимумот и дека црвено-црните ќе излезат како победници на утрешната средба.
– Одиме повторно да одиграме со срце и да победиме. Ова е само прво полувреме од двата натпревара со Копенхаген. Станува збор за добра и искусна екипа, која речиси секоја година игра во Европа. Откако го поминавме Малме, сега сите гледаат со почит на нас. Очекувам играчите да ги исполнат задачите, уште еднаш да одиграат со срце. Знам дека сите се подготвени да го дадат максимумот и да направат добар резултат на овој прв натпревар пред реваншот на гостински терен. Играме пред наша публика, очекувам поддршка на овој натпревар, најави Седлоски на официјалната прес-конференција.
Копенхаген во Скопје допатува во најсилен состав, па разбирливо Седлоски не сакаше да го открие тимот со кој ќе го започне натпреварот.
– Сите подеднакво конкурираат за настап, а за составот ќе одлучиме пред натпреварот, изјави Седлоски, кој додаде дека во анализите на противникот заклучиле дека Копенхаген игра поофанзивно од тоа што играше тимот на Малме.
Вардарци се свесни за силата на противникот, но сметаат дека со максимално ангажирање во секој сегмент од играта, како и со очекуваната голема поддршка од трибините може да остварат поволен резултат пред реваншот во Данска.
Од редовите на македонскиот првак веќе неколку пати преку соопштение ја замолија својата публика за фер и коректно навивање, а воедно информираа дека утрешниот меч по препорака на УЕФА е прогласен за меч од висок ризик, па затоа и најавата дека вратите на арената „Филип Втори“ ќе бидат затворени половина час пред стартот на натпреварот кој е закажан за 20 часот.