По поразот кој на Европското првенство македонските ракометари го претрпеа од селекцијата на Шпанија, реакциите на јавноста за текот на натпреварот се поделени, но речиси сите се разочарани од резултатот. Сличен став има и голманот на репрезентацијата, Борко Ристовски, кој за „Репортер“ вели дека впечатокот е дека момците не гинеле на теренот.
„По преспиената ноќ или со малку сон, впечатоците се исти како вчера, а тоа е дека не се боревме. Не гиневме на теренот и резултатот е таков каков што е. Мораме да го оставиме зад нас затоа што нè чекаат важни натпревари од кои зависи нашиот пласман на ова Европско првенство“, изјави Борко во текот на вчерашниот ден.
Тој додаде дека ни следните натпревари нема да бидат лесни.
„Против Чешка нè чека пеколно тежок натпревар затоа што и таа си ја бара својата шанса на ова првенство. Мислам дека оваа репрезентација поседува многу квалитет. Меѓутоа, без борба не смееме никогаш да се предаваме“, додаде нашиот репрезентативен голман.