Мадридските тимови Реал и Атлетико ќе бидат актери на вечерашното финале од Лигата на шампионите што ќе се игра на Луж стадионот во Лисабон. И двата тима на сигурен и убедлив начин стигнаа до последниот натпревар во сезоната.
Реал Мадрид на 12 натпревари постигна 10 победи имаше 1 нерешен резултат и 1 пораз. За разлика од нив Атлетико Мадрид без пораз ги одигра 12-те натпревари, а имаше 9 победи и 3 нерешени резултати. Во нок – аут фазата „кралскот клуб“ ги елиминира германските екипи: Шалке, Борусија Дормунд и Баерн, додека Атлетико беше поуспешен од Милан, ривалот од Примера Барселона и Челзи.
Во пресрет на финалето и двајцата тренери имаа проблеми со повредите на играчите, пред се напаѓачите. Карло Анчелоти кај Реал Мадрид на последните натпревари од шпанското првенство не играше со Кристијано Роналдо, додека Диего Симеоне имаше поголеми проблеми откако на дуелот од последното коло со Барселона се повредија Диего Коста и Арда Туран.
Последните фитнес тестови денеска ќе покажат, кои од повредените се подготвени, иако за очекување е Роналдо да заигра од почетокот, а тандемот на Атлетико да биде на клупата и по потреба да влезе во игра.
Оваа сезона и двата тима веќе освоија по еден пехар во Шпанија. Атлетико Мадрид по пауза од 18 години ја освои шампионската титула во Шпанија, а Реал победи во шпанскиот куп.
Во рамките на првенството на Шпанија резултатите на меѓусебните дуели беа: 2:2 и 1:0 победа за Атлетико, додека во Купот Реал Мадрид победи двапати 3:0 и 2:0.
За Реал Мадрид ова ќе биде 13. финале во Лигата на шампионите (Куп на шампионите), а има 9 титули (последнта 2002 година), додека Атлетико Мадрид по вторпат ќе игра во финалето. Првото учество го имаше пред 40 години (1974).
Финалето почнува во 20:45 часот, а ќе го суди Бјорн Куиперс од Холандија.