Екипите на Реал Мадрид и на Манчестер Сити се првите две кои обезбедија пласман во полуфиналето на елитната фудбалска Лига на шампиони. Ова е исходот по синоќа одиграните реванш-натпревари од четвртфиналето во Мадрид и Манчестер.
На „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, Реал предводен од Кристијано Роналдо кој забележа хет-трик (15, 17 и 77.минута) го победи Волфсбург и ја анулира негативата од 2:0 по првиот меч до Германија.
Англискиот претставник Манчестер Сити пред својата публика, со голот на Де бруин во 76-минута, славеше минимална победа од 1:0 над Пари Сен Жермен, па по нерешените 2:2 од првиот меч, популарните „граѓани“ со вкупен резултат 3:2 се пласира во полуфиналето.
Кои два тима ќе им се придружат на Реал Мадрид и Манчестер Сити меѓу четирите најдобри ќе дознаеме вечерва откако ќе се одиграат преостанатите два реванш дуели од четвртфиналето. Барселона на гостувањето во Мадрид кај Атлетико ќе стартува со предност од 2:1 оствареа на првиот меч на „Камп Ноу“, додека Баерн Минхен ќе има предност од 1:0 на гостувањето кај Бенфика.
Двете средби почнуваат во 20 часот и 45 минути.