Екипите на Реал Мадрид и на Борусија Дортмунд се првите четвртфиналисти во фудбалската Лига на шампиони, откако синоќа во реваншите од осминафиналната фаза ги победија своите противници.
Реал Мадрид беше поуспешен на гостувањето кај Манчестер Јунајтед со 2:1 и со вкупни 3:2 се пласира помеѓу осумте најдобри. Клучниот момент на дуелот на „Олд Трафорд“ се случи во 56.минута кога домашниот играч Нани беше исклучен поради опасен старт.
Претходно Манчестер преку автоголот на Серхио Рамос во 48.минута поведе со 1:0, а предноста од играч повеќе шпанскиот првак ја валоризира во периодот од 66 до 69.минута со головите на Лука Модриќ и Кристијано Роналдо.
На вториот синоќешен дуел од оваа фаза во ЛШ, Борусија Дортмунд со 3:0 го победи Шахтјор и со вкупни 5:2 оди понатаму.
Головите за „милионерите“ од Дортмунд ги постигна Фелипе Сантана, Марио Гетце и Јакуб Блашчиковски.
Вечерва од 20:45 часот се играат уште два реванш-дуели од осминафиналната фаза. Двојките се: Јувентус – Селтик (3:0 прв натпревар) и ПСЖ – Валенсија (2:1 прв натпревар).