Македонските ракометари попладнево ќе го одиграат последниот натпревар на европското првенство во Хрватска. По синиќешниот пораз од Чешка (24:25), Македонија ги загуби шансите за освојување на едно од првите три места во групата.
Данска ќе биде последниот противник на Македонија во Вараждин. Данците благодарение на нашиот пораз од Чешка на коло пред крајот се сигурни во полуфиналето. За вториот патник во полуфиналето од оваа група ќе решаваат Германија и Шпанија, иако и Чешка има теоретски шанси да влезе во борбата за медали.
Репрезентативците ќе мора пред сè психички да се кренат по поразот од Чешка, од која загубија иако постојано водеа до 57. минута. Кулминација на лошите последни пет минути беше нереализираниот седмерец на Дејан Манасков по истекот на времето.
Селекторот Раул Гонзалес со истиот состав ќе ѝ се спротивстави на Данска. За очекување е капитенот Лазаров да биде во тимот, но тој веројатно нема да влегува во игра.
Дуелот Македонија-Данска ќе почне во 18:15 часот. Претходно од 16 часот ќе играат Словенија и Чешка, а денот ќе го затворат Германија и Шпанија од 20:30 часот.