Фудбалерите на Работнички може да жалат што не ја совладаа црногорската екипа Будуќност во првиот натпревар од Лига Европа. На средбата од првото квалификациско коло за Лига Европа, одигран попладнево на арената „Филип Втори“ во Скопје, фудбалерите на Работнички пропуштија бројни шанси за гол, па на крајот мораа да се задоволат со нерешен резултат 1:1 во дуелот против Будуќност.
Првото полувреме го добија гостите од Подгорица, кои поведоа во 36.минута со голот на 19-годишниот Велизар Јанкетиќ. Во вториот дел „Романтичарите’’ имаа повеќе од играта. Во два наврати гредата беше сојузник на гостите, за конечно во 80. минута по акцијата на Херера, преку Елиф Елмас, Работнички да стигне до израмнување 1:1.
Реванш натпревар во Подгорица ќе се игра следниот четврток од 19 часот.
Другите два претставници на Македонија во ова натпреварување, Шкендија и Силекс своите први средби ќе ги играат во четврток.
Силекс кој по долго време повторно повторно ќе игра на европската сцена, гостува во Лихтенштајн, кај Вадуц. Овој натпревар ќе започне до 19 часот.
Тетовчани во Скопје, ја пречекуваат екипата на Краковија од Краков, во мечот кој ќе стартува од 21 часот.