Денес, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески го прими Европскиот шампион на ридски патеки Игор Стефановски Иџе, кој се врати од Австрија каде го прими пехарот за прво место во ридски патеки категорија К1.
Директорот Спасески му го честиташе историскиот успех на популарниот “летечки Македонец” Стефановски.
“Република Македонија е горда на големиот успех на Иџе. Тој направи историски успех кој ќе остане за паметење и ќе претставува предизвик за останатите автомобилисти. Да издвојуваш 8 победи на 12 трки е навистина резултат за почит. Благодарение на Стефановски-Иџе, од наредната година Република Македонија ќе претставува фаворит во автомобилизмот. Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи со поддршката за нашиот автомобилист и очекуваме во најмала рака, овој успех да го повтори и во наредната сезона” – заврши Спасески.
Стефановски се заблагодари за приемот и истакна дека честа да се биде на пиедесталот, да се слуша македонската химна е чувство за кое секој спортист сонува да му се случи во неговата кариера.
“Пресреќен сум и презадоволен од целиот престој и манифестацијата во Австрија. Од пречекот до самиот настан не третираа како вистински ѕвезди. Најубавиот дел беше кога ми го доделија трофејот и во тој момент ја пуштија македонската химна, а зад бината се вееше големо македонско знаме – изјави Стефановски-Иџе.
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски-Иџе изминатиот викенд во Тулвиц, Австрија, го доби пехарот за европски шампион на ридски патеки во категоријата 1, откако триумфално го заврши својот пат до најголемиот успех во кариерата и во македонскиот автоспорт воопшто, победувајќи на 8 од 12-те трки од шампионатот.