На патеката „Матка“ крај Скопје претстојниот викенд (8 и 9 април) ќе се 49. традиционален Илинденски кајак слалом – ИКАС.
По тој повод во Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција на која беа презентирани очекувањата на организаторите од реномираниот меѓународен спортски настан.
– Со организацијата и поддршката на 49-от традиционален Илинденски кајак слалом „ИКАС“, Агенцијата за млади и спорт (АМС) ја потврдува својата заложба за промоција на Матка како едно од најдобрите места на Балканот за овој спорт, но и за промоција на спортскиот туризам. Станува збор за една од најстарите традиционални спортски манифестации, не само во Република Македонија, туку и пошироко, но истовремено, традиционалниот илинденски кајак-слалом (ИКАС) е единствената спортска манифестација во Македонија, која без прекин, почнувајќи од далечната 1968 година, се одржува на реката Треска крај Скопје. Во таа насока, Агенцијата за млади и спорт секоја година е генерален покровител на оваа манифестација, а оваа година обезбеди 500.000 илјади денари, со што ја покажува сериозноста за развојот на овој спорт во нашата земја, изјави Спасески на денешната прес-конференција.
Тој рече дека кајакот во Република Македонија ги има сите неопходни услови за повисок спортски дострел и откривање на нови таленти, и во тој контекст е големата поддршка која ја добива од државата и Агенцијата за млади и спорт, не само во делот на организација на ИКАС, туку и во делот на меѓународните активности на нашите репрезентативци.
– Годинава само со првата распределба на средства од игрите на среќа и од редовните буџетски средства за учество на меѓународни натпреварувања, за организација на меѓународните натпреварувања во Република Македонија и за останатите активности на Кајакарската федерација, од Агенцијата за млади и спорт се обезбедени околу 2.5 милиони денари, потенцира директорот на АМС и упати покана сите љубители на кајакот да го проследат овој спортски настан.
Спортскиот директор на Кајакарската федерација на Македонија, Атанас Николовски информира дека македонската селекција ќе брои дваесетина кајакари и ќе биде комбинација од помалади кајакари и неколку сениори.