Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски вчера реализира брзинско искачување на највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва, на 6.962 метра надморска височина на Андите. Поаѓајќи од базниот камп Плаза де Мулас, на 4.300 метри надморска височина во 7 часот, на Кирковски му биле потребни 9 часа и 52 минути за искачување на врвот и враќање назад.
Ова брзинско искачување претставува пионерски потфат во балкански рамки, но и резултат вреден многу пошироко. Вообичаеното потребно време за искачување на Аконкагва е три-четири дена.
„Не беше воопшто лесно, во првите часови имав проблем со мрзнење на стапалата и не знаев дали ќе можам да продолжам. Го дадов својот сопствен психофизички максимум и презадоволен сум од постигнатото. Ова е резултат на многу години труд и ентузијазам, нека биде мотив за идните генерации планински спортисти. Им благодарам на сите што дадоа поддршка и посебно на Димитар Тодоровски, кој е овде со мене“, изјави Кирковски.
Врвот Аконкагва нема техничка тежина, но се карактеризира со многу ниски температури и силни ветрови, а концентрацијата на кислород на врвот е само 40 отсто во споредба со морското ниво. За Александар, ова е второ искачување на Аконкагва во неколку дена кога на 9 февруари го искачи врвот заедно со Димитар Тодоровски. Претходно има поставено најдобри македонски времиња на Мон Блан, Елбрус, Матерхорн и други врвови.
Акцијата е дел од програмата на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, поддржана од Агенцијата за млади и спорт, како и повеќе спонзори и пријатели. Подвигот е посветен на пријателите планинари Калина Велевска и Александар Миновски, кои трагично настрадаа на Кајмакчалан минатиот февруари.