Пливачката федерација на Македонија претставувана од нејзиниот претседател Дарко Нашков, денеска преку соопштение ги информира пливачките клубови, пливачи и пошироката македонска јавност дека е донесена Одлука да се одложи Државното првенство на Македонија во пливање за сениори, младинци и кадети, кое беше закажано за 30 јуни и 1 јули.
– Одлуката е донесена од причина што во истите денови, една група на граѓани кои неосновано се декларираат како пливачка федерација на Македонија, заедно со лицето Александар Маленко, најавија одржување на паралелно т.н. првенство со што се прават обиди да се внесе забуна кај спортската јавност. Со цел да се заштитат пливачите и интересите на пливачките клубови, како и правилно да се информира пошироката јавност, Пливачката федерација на Македонија одлучи Државното првенство на Македонија во пливање за сениори, младинци и кадети, да се одржи на 28 и 29 јули 2018 година во Битола, се вели во соопштението на ПФМ.
Од Федерацијата апелираат клубовите да го почитуваат статутот на ПФМ и како што се наведува во соопштението, да не подлегнуваат на различни провокации и неосновани информации.
– Во спротивно, ќе бидат преземени соодветни мерки во согласност со статутот и дисциплинскиот правилник на федерацијата. Воедно, ја информираме сета македонска јавност дека ПФМ нема да дозволи неовластено претставување во нејзино име или злоупотреба на старите, неважечките печати на федерацијата, од било кој граѓанин на Македонија, за што се веќе преземени соодветни правни мерки и процесирани се неколку кривични пријави, информираат од ПФМ.