Оливера Наковска Бикова најдобар спортист на Битола за 2012 година

Од:

Сојузот на спортови-Битола ги прогласи најдобрите спортисти во овој град, а за најдобра беше прогласена Оливера Наковска-Бикова која минатата година постигна светски рекорд во дисциплината 10 метри воздушен пиштол и освои златен медал на Параолимписките Игри во Лондон.

Највиското признание во областа на спортот на Наковска-Бикова и го врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој истакна дека општината ќе продолжи да ги поддржува спортистите поединци и спортските клубови за кои годинава се предвидени еден милион евра локални средства.

– Создаваме услови за Битола да биде најспортскиот град во државата. Помагаме на сите спортисти без исклучок, а годинава за развој и поддршка на спортот обезбедивме еден милион евра кои во зависност од постигнатите резултати и ќе се зголемуваат. Наскоро ќе го промовираме и спортскиот комплекс „Тумбе кафе“, кој ќе биде изграден според европски стандарди со што спортистите на располагање ќе имаат современи објекти за подготовки и натпреварување, истакна Талески.

На синоќешната 49-та по ред манифестација посветена на најдобрите битолски спортисти награди и признанија им беа доделени и на тренерите Звонко Шундовски, Кире Грбевски и Тони Бошевски, на спортските педагози Соња Белџигеровска и Борко Тромбев и на истакнатиот спортски работник Тоде Кулевски. За најдобра младинска екипа во градот беше прогласен ФК „Пелистер“ под водство на Наум Шапковски, за најдобра сениорска екипа – женскиот фудбалски клуб „Топ гол“-Битола, а меѓу најдобрите три спортисти за 2012 година освен Оливера Наковска Бикова беа и Борче Костов од мото клубот „Мото стар“ и членката на кик-бокс клубот „Самурај“ Гордана Цветковска Бошевска.

Сојузот на спортови-Битола врачи посебно признание за градоначалникот Владимир Талески за неговиот придонес и поддршка на спортот и физичката култура, како и за континуираната соработка со спортистите и спортските клубови во Битола.

Би можело да ве интересира

Тешко повреден е возач во сообраќајка во Битола

Домашен притвор за родителот што натепа наставничка и ученик во Битола

Директор на ЈП „Пазари“ Битола склучил јавна набавка со фирма избришана од Централен регистар

А1он

Претреси во Битола, приведени двајца дилери, пронајдена дрога

А1он

Маж од Битола ја следел и ја вознемирувал сопругата со која се во бракоразводна постапка

ЦУК: Во близина на Битола се преврте цистерна со плин

Орце Костов