Иако загуби на теренот, Селтик и дефинитивно ќе игра во плеј – оф фазата за пласман во Лигата на шампионите. Дисциплинската комисија на УЕФА ја одби казната на Легија. Иако полскиот шампион славеше во двата дуела со шкотскиот првак и тоа дома со 4:1 и на гости со 2:0, УЕФА го регистрираше реваншот во Глазгов со службени 3:0 за Селтик.
Причина е супензијата на фудбалерот на екипата од Варшава, Бартош Березински кој во последниот натпревар на Легија во минатата сезона во Лига Европа против Апоел од Лимасол заработил црвен картон. Березински беше суспендиран на три мечеви, навистина паузираше на исто толку, но во УЕФА утврдиле дека дефанзивецот на Легија воопшто не бил пријавен за дуелите од второто квалификациско коло против Сент Патрик и затоа не ја одработил казната.
Да биде иронијата поголема, Селтик теоретски ја мина Легија поради голот на гостувањето во Варшава кадешто Полјаците промашија два пенала. Во баражот за пламан во Лигата на шампионите, Селтик ќе игра против Марибор на нашиот репрезентативец Агим Ибраими, а Легија ќе се обиде да побара утеха ако влезе во фазата по групи во Европа лигата преку пресметките со Актобе од Казахстан.