Во организација на Здружението за спорт и рекреација клуб 28 и Општинската организација на Црвен крст поддржани од Општина Велес денеска не велешкото езеро „Младост“ се одржа вториот „Велешки пливачки маратон 2015“.
Организатор на натпреварот во далечинско пливање беше Здружението за спорт и рекреација клуб 28 финансиски поддржано од Општина Велес.
Во олимписката дисциплина на 10 километри што е прва од Македонскиот куп во далечинско пливање помеѓу 50-тината професионални пливачи од клубовите во земјава, победник на вториот пливачки маратон е Александар Илиевски член на ПК „Студент“ од Скопје. Тој патеката од 10 км. ја исплива за 2.10.08.
Во женска конкуренција на 10 километри победи единствената учесничка Евита Насевска од ПК „Бета“.
Победникот Александар Илиевски кој лани беше втор на 10 километри, по денешната победа изјави дека ова му била на некој начин подготовка за следниот викенд кога ќе плива на Охридскиот маратон.
– Постигнав солиден резултат. Условите беа идеални, Езерото мирно, патеката добро обележана, потенцира Илиевски.
Во трките на 5 км. Во машка конкуренција победи: Никола Василевски од ПК Орион со 1.07.23, а кај девојките Марта Челиковска од ПК Орион со 1.18.57. Воедно Челиковска победи на минатогодишниот Велешки пливачки маратон на 2,5 км.
На пливачката патека од 2,5 км победија Матеј Цветановски од ПК Бета со 37.43 и Миа Крстевска ПК Орион со време од 37.53.
Инаку во категоријата на рекреативци меѓу 30-тина учесници победи велешанецот Ване Рибарски, кој е поранешен кајакар. Поради дождот наместо вчера овие натпревари се одржаа денеска.
Иле Попов од организациониот одбор за медиумите изјави дека се задоволни од манифестацијата која според него минала во најдобар ред и сега се поискусни во техничките подготовки.
– Задоволен сум од бројот на учесниците, се мина во најдобар ред. Догодина очекуваме подобар квалитет на пливачите ,најави Попов.
Инаку вториот натпревар во рамки на Македонскиот куп во далечинско пливање ќе се одржи на 6 септември на Тиквешко Езеро.