Тодор Христов од Скопје ќе биде првиот учесник со македонска лиценца кој ќе настапува на најпрестижното светско рели – Дакар 2013, пишува Екипа.мк.
Христов е пријавен во класата на квадови (четвороцикли) во која има вкупно 39 учесници и на 5 јануари 2013 ќе стартува од Лима (Перу) во првиот од 14 предвидени натпреварувачки денови.
На Тодор Христов ова ќе му биде второ учество на најпознатото рели откако во 2011 година настапи за својата матична земја, Бугарија.
„Навистина уживав во моето прво учество на Дакар, но мора да истакнам дека беше многу тешко. За жал не успеав да стигнам до целта и морав да се откажам по шестата етапа. Во изминатите две години настапив на меѓународните маратонски рели натпревари во Катар и Абу Даби, а на последниот во Мароко го освоив третото место во класата на квадови! Се надевам дека ќе го завршам натпреварот и ќе остварам добар пласман“, рече Христов.