Пресметката на МЗТ Скопје и Цедевита, закажана за попладнево во Загреб (17 часот) ќе биде дуел на две екипи кои сезоната во АБА-лигата ја почнаа со два порази. Натпреварот е шанса за делумен излез од кризата за четата од Скопје, што воопшто нема да биде лесно, првенствено поради квалитетот на загрепчани, но и поради некомплетноста на составот кој на располагање ќе го има тренерот Емил Рајковиќ.
Во него повторно ќе го нема Ѓорѓе Дреновац поради повреда на бутниот мускул на левата нога додека во хрватската престолнина нема да настапи ниту Јуре Лалиќ, поради скршеница на носот добиена на вчерашниот дуел со Партизан.
– Факт е дека се наоѓаме во тежок период, по поразите во двата стартни натпревари од новата сезона во АБА-лигата. Нема да ни биде полесно ниту во иднина со оглед на тоа што сме приморани да играме без двајца исклучително важни играчи, Ѓорѓе Дреновац и Јуре Лалиќ, кои се повредени. Наша цел на мечот со Цедевита е да пробаме барем делумно да се извлечеме од кризата, едноставно да почнеме да играме кошарка на начин со кој би тргнале нанапред, изјави Рајковиќ.
Ова ќе биде деветта пресметката на МЗТ Скопје Аеродром и на Цедевита во АБА-лигата, а скорот од досегашните средби е 6:2 за хрватскиот тим.