Првата ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах верува дека неговиот тим има квалитет оваа сезона да ги освои шампионските титули и во Англиското фудбалско првенство и во Лигата на шампионите.
„Црвените“ од Енфилд по пет рунди во Премиер лигата се наоѓаат на делба на првата позиција со Челзи со максимални 15 бодови, а вечер (21 часот) против ПСЖ стартуваат во ЛШ.
– Убеден сум дека можеме да ги освоиме и ЛШ и Премиер лигата. Само треба вака да продолжиме. Не сакам со оваа изјава да создавам психолошки притисок во тимот, но се е можно, изјави Салах.
Ливерпул кој минатата сезона стигна до финалето во ЛШ, покрај ПСЖ за противници во групната фаза ги има уште Црвена ѕвезда и Наполи.